Пратеничката од СДСМ Даниела Николова на денешната собраниска седница прва постави прашање за предлог-реформите во гимназиското образование кои, како што рече, се носат без дебата и кои не само што ќе остават многу професори без работа, туку и ќе ја уништат критичката мисла кај младите, а со тоа и слободата во нашето општество. Со реформите се укинуваат предметите Етика, Логика и други.
Дискусијата за ова меѓу Николова и министерката за образование Весна Јаневска беше многу информативна. Но во еден момент во таа корисна полемика, Јаневска кажа дека со Преспанскиот договор што го потпиша владата на СДСМ беше нанесена голема штета на државата, и малку ја однесе дебатата во друг правец.
Николова претходно кажа дека Етика не треба да се укинува и дека булингот меѓу учениците е во енормен пораст, но по спомнувањето на Преспанскиот договор, дополни:
„Се гледа дека не сте учеле Етика. Во предизборната кампања го критикувавте Преспанскиот договор, велевте ‘никогаш северна!’. Рековте дека ќе го смените и ќе го вратите името Република Македонија. И, со тоа дојдовте на власт. Зошто не го смените Преспанскиот договор како што ветивте? Или, сега се важи тоа што рече премиерот Христијан Мицкоски дека Преспанскиот бил брилијантен договор и по тој урнек треба да се прават договорите. Е ова е немање етика“, рече пратеничката.
Таа претходно кажа дека реформи во гимназиското образование се и тоа како потребни, но начинот како се прават, не е во ред.
„Реформите се навистина потребни, но наставните предмети Филозофија и Ссоциологија стануваат изборни предмети, а Етика, Логика и други хуманистички науки се укинуваат. Зошто нема јавна дебата? Факултетите и институтите реагираат. Зошто не се сретнете со нив? Дали ќе понесете одговорност за уништување на критичката мисла кај младите? Па со уништување на критиката, ја уништувате слободата. Ќе создадете генерации кои нема да можат да состават критички ставови кои нема да разликуваат факти од лага, нема да знаат да аргументираат. Ќе понесете ли одговорност за тоа дека брилијантни луѓе од наставници, ќе останат без работа?“, прашуваше Николова.
Министерката Јаневска кажа дека дебатата е почната, чека забелешки, а кој доаѓа на состаноците за реформи таа не одредува, туку факултетите, школите, институтите… Рече дека предлог-реформите во гимназиското образование ќе претрпат измени, ама и дека 24 години образованието не е реформирано.
„Цели 24 години нашите деца учат од учебници стари 24 години. Некои бараат да останеме на ова и нашите ученици кога ќе одат на ПИСА-тестирањето, и натаму да ги имаат најслабите резултати. Јас не велам дека Весна Јаневска или оваа влада дека ќе направат тие да бидат прво место на следните тестирања, ама две места да се искачиме од дното, ние сме направиле исчекор. Ќе има работа и поголем ангажман за сите професори. Гарантирам дека никој нема да остане без работа. Би рекла дека професорите повеќе стравуваат од неизбирање на нивните предмети кои ќе бидат изборни. Додатниот ангажман на професорите ќе се плаќа како час, тие ќе мора да одат на обуки за кои се издвоени над 2 милиона евра, учениците нема да седат еден зад друг, туку ќе бидат во меѓусебна интеракција и во интеракција со професорите…Нема веќе наметнување еве ова ќе учите. Учениците сами ќе бираат што ги интересира, а потоа во гимназија подлабоко ќе навлезат во тоа што ги влече “, одговараше Јаневска од говорницата.
Таа смета дека со укинувањето на предметите Етика и Логика нема да се спречи формирањето на критичката мисла кај децата, учениците, бидејќи критичка мисла според неа многу повеќе се формира преку математика, хемија и други природни науки каде што има мисловен процес, а не учење како кај философија, социологија, етика, логика и други општествени науки.
Рече дека водечката философија, во која се и етиката и логиката, никогаш нема да се укине во нашето образование.
Во достоинствената и дискусија на високо ниво во споредба со таа на мажите – министри, премиер и пратеници, Николова и Јаневска останаа на своите ставови: првата е за „производство“ на млади критички умови за слобода и демократија, втората е за „производство“ на млади иноватори и за повисоки резултати на ПИСА-тестирањата од моменталните кои се за срамење.
Министерката Јаневска вети дека ќе прифати критики и подобри решенија, Николова дека ќе каже „да“ за нејзините, односно за добрите реформски решенија од Бирото за образование при МОН, по насоки на Јаневска.
Додека беше ВМРО-ДПМНЕ во опозиција, а Јаневска на чело на партиската комисија за образование, беше единствената која не ја распна Мила Царовска за реформите во образованието и се служеше со аргументи кога критикуваше.
Во сличен контекст од говорницата Јаневска денеска кажа дека е многу нормално секоја реформа во образованието да направи бура, но дека таа отворила многу фронтови со многу бури и има намера да ги затвори сите. Но и дека ако не им се допаѓа на премиерот и на Собранието, може да ја сменат.
С. К. ДЕЛЕВСКА