Владата на Доналд Трамп отпуштила двајца безбедносни шефови на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) откако тие одбиле да ги предадат доверливите материјали на владините инспекциски тимови на Илон Маск. Членовите на новоформираниот Оддел за владина ефикасност (ДОГЕ), предводен од Маск, на крајот сепак добиле пристап до доверливите информации на агенцијата.
Тимот на ДОГЕ ги немал потребните овластувања за пристап до таквите информации, па двајцата шефови за безбедност во УСАИД имале законско право да им го одбијат пристапот.
„УСАИД е криминална организација, време е да умре“, напиша Маск на Икс.
Ова е уште еден знак дека владата на Трамп планира да ја укине или сериозно да ја реструктурира агенцијата стара 64 години. Сајтот на УСАИД ненадејно исчезна вчера без објаснување, а владата на Трамп и државниот секретар Марко Рубио го замрзнаа најголемиот дел од хуманитарните, развојните и безбедносните проекти на агенцијата низ светот.
САД се најголемиот донатор на хуманитарна помош во светот, а УСАИД имаше проекти во повеќе од 100 држави.