Откако предложи САД да ја преземат Газа и да ги преселат сите Палестинци кои живеат таму, Доналд Трамп го даде своето мислење и за Западен Брег, кој моментално е под израелска окупација.
„На луѓето им се допаѓа идејата Израел да прогласи суверенитет над таа земја, но уште не сме зазеле став по ова прашање. Разговорите со израелски претставници се во тек и ќе се огласиме за ова прашање во следните недели“, кажа Трамп.
Според меѓународното право, Западен Брег е палестинска територија, но многумина Израелци ја сметаат за дел од нивната библиска татковина и сакаат израелски суверенитет над неа. Израелските населби на ова подрачје се сметаат за илегални според меѓународното право.
Минатиот месец, Трамп потпиша извршна наредба со која се укинуваат санкциите за насилните израелски доселеници на Западен Брег, воведени од владата на Џо Бајден. Во својот прв мандат, Трамп го призна Ерусалим за главен град на Израел и најави преселување на амбасадата на САД од Тел Авив.
По средбата со израелскиот премиер Нетанјаху во Белата куќа, Трамп го изнесе својот шокантен план за Газа, за која кажа дека би ја расчистил од сите неексплодирани бомби и уништени згради и би ја претворил во „ривиера на Блиски Исток“. Идејата беше осудена и од сојузниците и од непријателите на САД.
Трамп не ја отфрли можноста за испраќање американски трупи во Газа.
„Ќе го направиме она што е неопходно. Ако е неопходно, ќе ги направиме тоа“, рече тој.
Програмата за животна средина на Обединетите нации процени дека би требале 21 година за да се расчисти Газа, која по 15 месеци борби е целосно уништена, од што се останати 50 милиони тони отпад.