Разговори помеѓу Москва и Вашингтон се во тек и почнаа да се зголемуваат, потврди портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
„Постојат контакти помеѓу некои оддели и тие се интензивираа во последно време. Не можам да ви кажам други детали“, изјави Песков.
Песков на овој начин реагираше на изјавите на Доналд Трамп дека Вашингтон води активни преговори за војната во Украина и со Киев и со Москва. Руската инвазија врз Украина се ближи кон четвртата година и Трамп вети дека по враќањето во Белата куќа брзо ќе најде решение за војната.
„Имаме разговори, тоа е точно“, кажа Трамп викендов, без да изнесе детали.
Запрашан дали лично разговарал со Владимир Путин, тој одговори:
„Нема да го кажам тоа. Но, имаме многу сериозни разговори за војната и се обидуваме да ја завршиме“.
Володимир Зеленски истовремено изрази подготвеност за директни разговори со Путин, „ако тоа е единствениот формален начин да се донесе мир во Украина“. Тој додаде дека би сакал на преговарачката маса да бидат САД, Русија, Украина и Европска Унија.