Иван Пеновиќ од Хрватска, Синиша Евтимов, Ненад Витанов, Филип Петковски и Драгана Милошевска-Попов годинава ќе режираат претстави во Драмскот театар во Скопје, соопштија од театарот по денешниот состанок на Управниот одбор. Драмски театар доби буџет од 95.885 евра (5,9 милиони денари) за реализација на пет претстави во 2025, согласно одлуката на Министерството за култура и туризам, годинава 18 национални установи да добијат делегиран буџет.
Според Законот за култура, годишната програма за работа на националните установи на кои им е наменет делегираниот буџет ја донесуваат директорите на установата, по претходна согласност на Управниот одбор во рок од 15 дена од донесување на решението, по што Министерството за култура и туризам и директорот склучуваат договор за финансирање на годишната програма за работа на Националната установа. Својата програма националните установи треба да ја објават на својата веб-страница.
„Средствата ќе бидат распределени крајно избалансирано и одговорно согласно неопходните естетски критериуми кои мора да соодветствуваат на нивото и реномето на Драмски“, велат од театарот.
Најмногу пари, 32.503 евра (2 милиона денари) доби „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна“ од авторот Душан Јовановиќ, во режија на Пеновиќ, голем копродукциски проект помеѓу неколку ансамбли, членки на Регионалната унија на театри – РУТА: Драмски театар Скопје, Местно гледалишче од Љубљана (МГЛ), Београдско драмско позориште и „Град театар“ од Будва.
За претставата на Евтимов „Болва во уво“ од Жорж Фејдо се планира сума од 21. 127 илјади евра (1.3 милиони денари), за претставата „Куршуми над Бродвеј“, адаптација по филмот на Вуди Ален во режија на Витанов, сума од 19.502 евра (1.2 милиони денари), за „Ифигенија за ништо“, адаптација по текст и режија на Петковски, објавена е вкупна сума од 13.814 евра (850.000 денари) и претставата „Чворот на Гидон“ од Џон Адамс во режија на Милошевска-Попов ќе се реализира со вкупна сума од 8.938 евра (550.000 денари).
Во годишната програма поддржана од Министерството за култура и туризам, во делот за организација на манифестации и годинава е планиран фестивалот РУТА. Четвртото издание на фестивалот на Регионалната унија на театри ќе се одржи во Драмски театар од 25 до 30 октомври, со планирана вкупна сума од 24.377 евра (1.5 милиони денари). За ставката меѓународна соработка што ги опфаќа гостувањата на ансамблот на Драмски театар во странство се планирани средства во висина од 32.503 евра (2 милиона денари).
Во делот на издавачка дејност на Драмски, Министерството го поддржува издавањето на „Театарски гласник“ како најзначајна годишна публикација што ја сублимира севкупната продукција на националните театри и драмска програма на најрепрезентативните фестивали во Македонија во една сезона. За издавачка дејност се планирани 2.437 евра (150.000 денари).
Б. НЕСТОРОСКА