Сите четири лета од Скопје до Истанбул во петок 21 февруари се откажани поради снежна бура. Два лета се на националниот превозник „Туркиш ерлајнс“ до главниот аеродром во Истанбул и два лета се на „Пегазус ерлајнс“ до аеродромот Сабиха Гокчен на азискиот брег од турскиот мегалополис.
Снегот проследен со силен ветер и минусни температури врне уште од средата, но како што бурата се засилува, властите објавуваат големи нарушувања на летовите, при што Министерството за транспорт и инфраструктура потврди дека аеродромот во Истанбул ќе го намали капацитетот на летови за 20 отсто на 21 февруари. Туркиш Ерлајнс веќе откажа околу 200 летови за петок, меѓу кои се и редовниот утрински и вечерен лет за Скопје.
На аеродромот Сабиха Гокчен во петок сообраќајот ќе биде намален за околу 15 отсто.
И вчера беше откажан утринскиот лет за Истанбул на „Туркиш ерлајнс“ а авионот на нискобуџетната„ А-џет“ полета со задоцнување од речиси три часа.
Скопје е поврзано со двата истанбулски аеродроми со повеќе од 30 летови неделно, а македонските граѓани најчесто го користат главниот аеродром како трансфер за прекуокеанските патувања кон САД, Канада, Кина, Австралија и Обединетите Арапски Емирати. Авионскиот превоз го користат и бројните турски работници и студенти во нашата земја поради тоа што ако користат копнен транспорт преку Грција или Бугарија им треба виза.
Нема информации колку патници од Македонија се заглавени на пропатување на Истанбулскиот аеродром кон Скопје.
На веб страницата на Истанбулскиот аеродром е објавено дека поради неповолните временски услови им се препорачува на патниците да ги проверуваат информациите за своите летови со соодветните авио-компании пред да дојдат на аеродромот и до недела да користат јавен превоз за пристап до аеродромот.
Метеоролозите прогнозираат дека до 24 февруари е можно да заврне снег во висина до 40 сентиметри. Локалните власти ги советуваат жителите да избегнуваат возење со своите приватни возила за да се избегнат застои во јавниот сообраќај, како и поради опасност од несреќи.