Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека државната химна не треба да се менува, а менувањето на државниот грб може да предизвика нови конфликти.
„По распадот на Југославија сите посегнаа по промена на државните симболи. Ако ме прашувате за химната, сметам дека апсолутно не треба да се менува. Химната никогаш не одразува сегашност, секогаш одразува историска меморија, генеза и ние немаме право да менуваме. Не сум чула да менуваат луѓе дури и во рамките на Европската Унија. Во обидот да се донесе Уставот во 2005 година беше предвидено менување на химна, ама не дојде до тоа. Сите народи низ историјата креирале песни или химни кои се најважниот државен симбол и затоа текстовите на химните во најголемиот број држави се во Уставот. Описот на знамето е во Уставот. Грбот е опишан во Уставот. Значи, во законот над законите“, рече денеска претседателката Сиљановска-Давкова одговарајќи на новинарско прашањо по денешната посетата на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Претседателката смета дека државниот грб има симболи коишто укажуваат повеќе на географијата отколку на нешто што било белег низ историјата. Но, како што додаде, се плаши од конфликти ако се отвори ова прашање.
„Имам само една дилема околу моментот на отворањето на прашањето. Не негирам дека низ историјата најприсутен симбол бил црвениот лав на златна основа. Но, мојата дилема е тоа што секогаш кога почнуваме да разговараме за вакви етнички прашања, симболи, со таква страст го правиме тоа, што не ни останува време за соочување со вистинските дилеми. Се плашам да не влеземе во нови страсни конфликти. Симболите би требало да обединуваат, а не да разединуваат“, рече претседателката Сиљановска-Давкова.
Прашана за формирање на Албанска академија на науките и уметностите, претседателката рече дека нема потреба од тоа бидејќи академиите не се етнички иституции, туку тие се научни, образовни и уметнички институции.
„Во академиите по светот седат не само луѓе од тие држави, туку и од други држави. Не мислам дека има потреба од Албанска академија на науките и уметностите оти оваа не е академија на Македонците, придавката македонска се однесува на сите граѓани, и јас денеска тука сретнав академик Албанец“, додаде Сиљановска-Давкова.
Академик Алајдин Абази е еден од двајцата актуелни потпретседатели на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити вчера рече дека во Владата нема разговори за промена на државниот грб и химната,Тој рече дека во Владата нема табу теми, но во моментов се разговара за реализација на владината програма.
Премиерот Христијан Мицкоски на 12 февруари, одговарајќи на новинарско прашање, кажа дека прашањето за промена на државниот грб е отворено во владината коалиција, зашто „ние сме една од двете држави постсоцијалистички коишто сè уште државниот грб го имаат оној стариот со некои модификации“.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче тогаш рече дека е против промена на грбот на државата, како што планираат ВМРО-ДПМНЕ и Влен и праша дали се планира промена и на химната.
Во 2014 промена на грбот предложи Владата на Никола Груевски, но не успеа да обезбеди двотретинско мнозинство за поддршка. Предложениот грб беше со разјарен црвен лав на златно-жолта позадина во форма на штит, како и круна во горниот дел во форма на тврдина. Тогашната власт рече дека беше дека Македонија и Белорусија биле единствени во Европа што имаат државен грб инспириран од социјалистичката хералдика.
А. АНТЕВСКА