Десетина лидери од Европа и Канада пристигнаа во Киев за да ја одбележат третата година од почетокот на руската инвазија, давајќи ѝ поддршка на Украина во периодот кога Доналд Трамп притиска за брз почеток на мировни разговори.
Кога руските трупи влегоа во Украина на 24 февруари 2022, тие ги донеле и своите парадни униформи, зашто Владимир Путин очекувал брза победа. Она што Путин го нарече специјална воена операција се претвори во најголемата војна во Европа по Втората светска војна, во која се убиени десетици илјади луѓе, цели градови се срамнети со земја, милиони Украинци станаа бегалци, а борбите се префрлија и на територијата на Русија.
„Три години отпор. Три години благодарност. Три години апсолутно херојство на Украина. Горд сум на Украина. Им благодарам на сите кои ја бранат и помагаат“, кажа Володимир Зеленски.
Меѓу денешните гости во Киев се претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и канадскиот премиер Џастин Трудо.
„Европа е во Киев зашто Украина е во Европа. Во оваа борба за преживување не е во прашање само судбината на Украина, туку и на Европа“, напиша Фон дер Лајен на Икс.
Третата годишнина од почетокот на војната дојде во чувствителен момент за Киев, додека Зеленски се обидува да се справи со брзото менување на меѓународното окружување, нарушено од промените на американскиот пристап кон војната. Трамп сака брзо да ја заврши војната, но неговите методи како би го извел тоа предизвикаа загриженост кај многумина во Украина и Европа, кои сметаат дека неговиот пристап е премногу помирлив кон Русија и Путин.
Русија сега окупира речиси 20% од Украина и рускиот вицепремиер Сергеј Рјабков кажа дека Москва сака долгорочен мировен договор, а не избрзан прекин на огнот, за што се залагаат САД.
„Прекин на огнот без долгорочно решение ќе значи брзо продолжување на борбите и на конфликтот со уште посериозни последици, вклучително и за руско-американските односи. Ние не го сакаме тоа. Треба да најдеме долгорочно решение кое мора да вклучи надминување на основните причини за почетокот на војната“, кажа Рјабков.