Европската Унија му понуди на Киев свој договор за ретки минерали откако САД кажаа дека се блиску до постигнување договор со Украина за пристап до нејзините огромни природни богатства. Еврокомесарот за индустриска стратегија Стефан Сежурне изјави дека им го доставил ривалскиот предлог на украинските власти при вчерашната посета на Киев, кога се одбележуваше три години од почетокот на руската инвазија.
„Дваесет и еден од 30-те критични материјали што ѝ требаат на Европа можат да се обезбедат со ова вин-вин партнерство со Украина. Дополнителната вредност на понудата на Европа е што ние никогаш не би барале договор кој не е од заемна корист“, кажа Сежурне.
Трамп и Белата куќа во изминатиот период агресивно ја притискаа Украина да го потпише договорот за ретки минерали, според кој САД би добиле пристап до украински природни богатства во вредност од 500 милијарди долари како компензација за американската поддршка во војната против Русија. Володимир Зеленски неодамна кажа дека одбил да го потпише понудениот нацрт-договор зашто не нудел никакви безбедносни гаранции за Украина, туку само САД имале корист од него.
„Нема да потпишам ништо што следните десет генерации Украинци би требало да го враќаат“, кажа Зеленски во неделата.