Доналд Трамп потврди дека в петок ќе се сретне со Володимир Зеленски во Белата куќа, најавувајќи дека притоа ќе потпишат „многу голем договор“. Украина претходно кажа дека постигнала договор за ретки минерали со САД, иако, според Зеленски, тој не вклучува безбедносни гаранции за Украина, што беше нејзино клучно барање.
„Првичниот договор е повеќе како рамка и со него засега не се договорени безбедносни гаранции од Америка. Јас сакав во него да има реченица за безбедносни гаранции за Украина. Ако не ги добиеме, нема да имаме примирје и ништо нема да функционира“, кажа Зеленски.
Наспроти ставот на Трамп дека договорот ќе биде компензација за досегашната американска помош за Украина, Зеленски вели дека Украина со него нема да врати ни десет центи. Американските медиуми објавија дека Вашингтон се откажал од првичното барање да добие ретки минерали во вредност од 500 милијарди долари.
„Успеавме да направиме договор со кој ќе си ги вратиме парите и ќе добиеме уште многу пари во иднина“, изјави Трамп.
Тој додаде дека договорот за минерали е одлична зделка за Украина зашто во земјата ќе дојдат Американци за да вадат суровини.
„Ќе бидеме во нивната земја и со тоа Украина ќе добие автоматска сигурност зашто никој нема да смее да се закача со нашите луѓе таму. Главниот интерес на договорот е да запре убивањето“, рече Трамп.
Зеленски нагласи дека при претстојната посета на Белата куќа многу директно ќе го праша Трамп дали Америка ќе продолжи да ја поддржува Украина или не.