Можностите, предизвиците и способностите на жените со попреченост и жените од руралните средини беше темата на националната конференција „Заедно сме посилни“, што денеска се одржа во Велес. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, се обрати со говор насловен „Имаме недовршена работа“.
„Нема хендикепирани лица, има хендикепирани држави, меѓу кои сè уште е и нашата. Бидејќи луѓето не препознават дека другите на друг начин ги изразуват своите способности. Не говорам за милосрдие, говорам за социјален модел на гледање на хендикепот, како гледање на правата на човекот“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа рече дека бариери во животот за лицата со попреченост постојат секаде во светот, така и во Македонија. За почитување на нивното право е потребна примена на конвенцијата на ОН, но и меѓусебно дружење на овие лица со останатите граѓани.
„Обврзани сме да им обезбедиме подобар живот, да им дадеме пристап до здравство, образование, право на детска и социјална заштита, домување, вработување. Не сме во нивните чевли за да знаеме каков им е животот, не го доживуваме светот низ нивните сетила. За првите два месеца, имаме склучено договори со 80 опшптествено одговорни фирми за работно ангажирање на овие лица, што е за 33 отсто повеќе од лани во истиот период. За жал, многу од нив се ангажирани на 50-годишна возраст и повеќе. Потребен е спектар на повеќе социјални услуги, за доближување до сите нив“, рече министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани.
На конференцијата беше истакнато и дека е потребна општествена и економска независност на жените од ранливите категории.
„Лицата со попреченост се можеби едно од најголемите малцинства во светот. Жените со попреченост се соочуваат со повеќекратни пречки на стигматизација, со исклученост, затвореност, застарени сфаќања и други бариери, што го прават проблемот неколкукратно посложен“, рече амбасадорката на Шведска Ами Ларсон Џаин.
За евроамбасадорот Михалис Рокас примарно е зголемувњето и достапноста на социјалните услуги до лицата со попреченост.
„Изградбата на поинклузивно општество бара широк опсег на активности, од инвестирање во пристапна инфраструктура, до обезбедување еднаков пристап до образование, здравствена заштита, вработување или социјални услуги, до зајакнување на жените да учествуваат во процесите на донесување одлуки на секое ниво. Ниту една жена, девојка со попреченост и од руралните средини не смее да биде заборавена“, рече Рокас.
„Ако не знаете прашајте, ако сакате да дознаете, разговарајте со нас“ беше пораката на лицата со попреченост од конференцијата во Велес во организација на Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености.
П. ПЕЧКОВ