Во Основниот суд во Куманово денеска започна главната расправа на судењето на градежната инспекторка Лидија Трајковска (60), која е обвинета за примање поткуп откако во ноември минатата година беше фатена додека зема мито од 4.000 евра од кумановски градител. Пред почетокот на расправата адвокатот на Трајковска двапати се обиде да го одложи судењето, еднаш со барање за изземање на претседателот на Советот Саша Ѓорѓевик и судијата Мирсад Сурои, а вторпат поради мали технички измени во обвинението по барање на Обвинителството, велејќи дека му треба дополнително време за подготовка.
Судот одлучи денешна јавна расправа да се одржи. За изземањето на судиите ќе одлучува претседателката на судот откако ќе ѝ биде доставено барањето по рочиштето, а техничките измени беа оценети како незначителни.
Обвинетата Трајковска, која по професија е градежен инженер, вработена во Секторот за инспекциски надзор во Општина Куманово, а минатата година одреден период била и раководителка, пред судот се изјасни дека го разбрала делото за кое се товари, но не се чувствува виновна.
- ДОДЕКА ПРИМАЛА 4.000 ЕВРА ПОТКУП УАПСЕНА ГРАДЕЖНА ИНСПЕКТОРКА ВРАБОТЕНА ВО ОПШТИНА КУМАНОВО
- ВТОРПАТ ОДЛОЖЕНО СУДЕЊЕТО НА КУМАНОВСКАТА ГРАДЕЖНА ИНСПЕКТОРКА ОБВИНЕТА ЗА ПОТКУП, ПОРАДИ НЕЈЗИНОТО НАРУШЕНО ЗДРАВЈЕ И ЗАРАДИ УВИД ВО ДОКАЗИТЕ
На рочиштето даде исказ и оштетниот инвеститор Ремзи Џељадини, кој во детали објаснуваше како инспекторката му побарала поткуп за станбено-деловен објект на улица Гоце Делчев, и за куќа на улица Доне Божинов, бидејќи отстапувале од основата. И во двата објекта имало, како што кажа, мало проширување, кое сакал да го усогласи во градба, и за кои поднел барања за измена на проект, што му го дозволувал законот. За овие неправилности инспекторката направила записник, по што почнала да го условува.
„Ме повика на телефон во градежната инспекција и ми кажа дека имам две варијанта, да платам 7.000 евра за едниот објект и 1.500 за другиот објект, или во спротивно ќе ми прати инспектори да ги затворат градилиштата. Бидејќи бев уценет, го пријавив случајот во МВР. Немав друга можност да се бранам“, кажа Џељадини.
По насоки на МВР, на крајот на октомври се сретнале во едно кафуле во Куманово каде што градителот однел 1.500 евра, кои исто така биле обележани, но инспекторката не ги зела, затоа што се договориле вкупната сума за двата случаи да биде 4.000 евра, па таа заедно го барала и остатокот од парите. Два дена потоа, бил договорен нов состанокот во кумановски ресторан на периферијата на градот, кога Трајковска била фатена со обележените пари во торба. Половина од парите биле на градителот, а другите биле обезбедени од МВР.
Џељадини побара да му се вратат парите кои ги дал за инсценираниот поткуп, а друга штета не бара, на надлежните остави да олучат за кривичниот прогон.
Одбраната на Трајковска во распитот на оштетениот настојуваше да ја покаже неговата вина затоа што работел без одобрение за градба и поради тоа имал мотив да понуди поткуп, а не како што тврди дека му бил побаран.
На забелешката на адвокатот дека спорните објектите се веќе карабини и без одобрение, инвеститорот кажа дека пропустите биле со знаење и дозвола на обвинетата. Тој кажа дека решенијата за престанок на градба што ги имал инспекторката ги чувала во фиока, а за тоа била наградена. Приговор на прашањата за бесправното градење имаше од судијата Ѓорѓевиќ, кој кажа дека судењето не е за бесправна градба, туку за примање поткуп.
На денешното рочиште беа сослушани и тројца инспектори од Секторот за економски криминал во СВР Куманово, кои биле дел од акцијата. Тие опишуваа како течела акцијата од пријавување на случајот до приведување на инспекторката.
С. НИКОЛИЌ