ВО БОГОМИЛА КУЌАТА НИ БЕШЕ ДО ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА, ПА ТАКА ГИ ЗАСАКАВ ВОЗОВИТЕ, ВЕЛИ МОНИКА СТАНЧЕВСКА, ЕДНА ОД СЕДУМТЕ ОТПРАВНИЧКИ НА ВОЗОВИ

    ВО БОГОМИЛА КУЌАТА НИ БЕШЕ ДО ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА, ПА ТАКА ГИ ЗАСАКАВ ВОЗОВИТЕ, ВЕЛИ МОНИКА СТАНЧЕВСКА, ЕДНА ОД СЕДУМТЕ ОТПРАВНИЧКИ НА ВОЗОВИМоника треба да ги пречека и испрати сите возови кои доаѓаат или заминуват. (Фото: СДК.МК)

    Велешанката Моника Станчевска е една од седумте жени во Македонија која работи како отправничка на возови во Македонски железници, популарните црвенокапци. Нејзината обврска е да ги пречека и испрати сите возови кои доаѓаат или заминуват. Со карактеристичниот свиреж во свирчето и со сообраќајната палка дава знак за запирање и поаѓање на железничките композиции. На оваа позиција е од 2019 година. Објаснува дека не ѝ е тешко да се снаоѓа во машко опкружување, бидејќи сите колеги на Железничката станица во Велес се мажи.

    „Мојата работна задача е да го организирам железничкиот сообраќај, пристигнувањето и заминувањето на возовите, било патнички, било товарни. Мое е патувањето на патниците да биде удобно и пријатно. Најважна е безбедноста на патниците“, вели Станчевска.

    Таа е на работното место по 12 часа секој втор ден. Сите кои се на ова работно место имаат и бенефициран работен стаж, плус два месеца на секои 12, поради тежината на работните задачи и обврски.

    Со карактеристичниот свиреж во свирчето и со сообраќајната палка Моника дава знак за запирање и поаѓање на железничките композиции. (Фото: СДК.МК)

    Како и во повеќето случаи на вработени во железницата, и нејзиниот е поврзан или наследен од родителот.

    „Татко ми беше железничар, па така љубовта и посветеноста ми ги пренесе мене. Родена сум во Богомила, живеевме блиску до железничката станица и со татко ми често патувавме до Велес, Прилеп, Скопје. И така возовите ме освоија. Во Богомила го завршив основното образование и продолжив средно во ‘Владо Тасевски‘ во Скопје“, вели Моника.

    Во генерацијата биле дури 20 девојчиња. Таа го продолжува семејното стебло на вработување во железницата. Љубовта кон возовите е голема кај жителите на регионот Азот, од каде што потекнува Моника, бидејќи тоа им е единствениот организиран превоз до поголемите околни градови. Иако има пат, редовни автобуски линии никогаш немало. Не пропушта да им се забалгодари на колегите, кои секогаш се тука кога треба.

    „Колегите помагаат секој пат кога ќе затреба, со нивна помош се надминуват потешкотиите. Тука е и семејството, кое ми ја дава поддршката во оваа одговорна професија“, додава Станчевска.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира