Дваесет повредени во пожарот во кочанската дискотека кои се во критична состојба ќе бидат пренесени на лекување во Бугарија, Турција, Грција и во Србија, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари во Штипската болница. 59 лица загинаа утринава после 2 часот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, меѓу кои има малолетници. 155 се хоспитализирани во различни здравствени установи низ државата. Загинатите се на возраст од 14 до 25 години, од Скопје, Штип, Кочани, Пробиштип.
При посетатата на Клиничката болница во Штип, Таравари рече дека медицинските тимови се екипирани, има доволно медицински материјали, но дека стигнале понуди за преземање на критични пациенти од повеќе земји.
„Се јавија и болници од Холандија, од Албанија. Оставам на анестезиолозите да одлучат за понатамошниот третман на најкритичните пациенти“, рече Таравари.
Директорот на Клиничката болница во Штип Владко Захариев, рече дека утринава од Кочани биле донесени 7 пациенти, но сите биле починати без можност да им се укаже помош. Сега се укажува помош на останатите 39 пациенти од кои поголем дел се со изгореници, но има и пациенти со фрактури па ќе бидат оперирани. Тој додаде дека има помош и од болниците во Струмица, Пробиштип и од другите градови.
Македонската Влада соопшти дека денешната седница која ќе се оддржи во 16 часот ќе донесе одлука за 7-дневна жалост поради трагедијата во Кочани. Ќе се донесе и заклучок за итна и вонредна инспекција на сите ноќни клубови, дискотеки и ресторани приредувачи на забави.
Владата на Србија на својата утрешна седница ќе го прогласи 18 март за ден на жалост во целата земја поради трагедијата во Кочани, во која во пожар загинаа 59 луѓе.
„Со голема тага ја примив веста за страшната трагедија што ја погоди Северна Македонија. Им изразувам најдлабоко сочувство на семејствата на настраданите во пожарот и солидарност со народот на Северна Македонија во овие тешки моменти“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Министерот Јоргос Герапетритис изрази спремност Грција да обезбеди секаква неопходна помош, вклучувајќи медицинска поддршка и спасувачки тимови“, објави грчкото министерство за надворешни работи.
Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов претходно кажа дека во овој момент има доволно крв и нема потреба од дополнителни крводарителски акции за повредените во страотната несреќа во Кочани.
„Ги имаме сите неопходни материјални средства и нема потреба од какви било донации. Имаме понуди за помош од повеќе држави. Се вршат подготовки за транспорт на тешко повредените во врвни болници од оваа област во неколку европски држави“, изјави Ангелов.
Б. НЕСТОРОСКА