Градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов даде оставка по вчерашниот пожар во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа 59 луѓе.
Папазов на својот фејсбук профил напиша дека поднесува оставка и побара од институциите да ја испитаат одговорноста за пожарот во неговиот град.
„Барам од сите надлежни институции да ја испитаат одговорноста на сите инволвирани! Непостапувањето е исто така одговорност. Мора да се истражат сите детали, да се најдат сите пропусти, а сите лица што придонеле кон оваа трагедија мора да одговараат. Јас се ставам целосно на располагање на институциите. Иако според закон немав директни надлежности во овој случај, подготвен сум да одговорам на сите прашања за сè, како и за моите лични постапки“, напиша Папазов.
„Доколку постои било каков основ за одговорност кај мене, го повикувам обвинителството да го испита тоа и да постапи согласно законите“, додаде Папазов.
Градоначалникот на Кочани Папазов е избран на 8 ноември 2021 и кадар е на ВМРО-ДПМНЕ.
Откако цел ден не се појави во јавноста и ниту изрази сочувство за трагедиата, кочанскиот градоначалник вели дека многумина со право му забележале, но како што напиша, не излегол пред јавноста зашто тешко го доживеал тоа што се случи.
Дискотеката „Пулс“ е сместена во поранешен магацин за теписи со еден прозорец на кој има решетки, и еден мал влез. Таа е во улица со густо наредени куќи.
Обвинителството побарало краткотраен притвор додека се наоѓаат доказите за 8 од 11 приведени лица, додека останатите се во болница со тешки повреди од вчерашниот катастрофален пожар во необезбедената импровизирана дискотека „Пулс“ во Кочани. Од полициска станица сè уште не е вратен ни ексминистерот за економија Крешник Бектеши, кој синоќа беше повикан на информативен разговор. Судија на претходна постапка во Основниот суд Кочани во моментов одлучува за барањата за притвор, кажа Обвинителството.
Вчера, државниот обвинител Љупчо Коцевски кој работи од Кочани, кажа дека за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ обвинителите ќе бараат притвор за најмалку за 10 лица, осомничени за разни тешки кривични дела: од тешки дела против сигурноста, преку примање и давање мито, до пуштање во промет на опојни дроги.
„Пропустите се големи. Слободно можам да кажам дека се работи за ерозија на системот“, кажа државниот обвинител Коцевски кој исто така е вчудовиден како можело воопшто некогаш оваа дискотека да добие лиценца за работа.