ГИ ПОЧИТУВАМ СИТЕ ПРОТОКОЛИ ПРИ ПОСЕТАТА НА ПАЦИЕНТИТЕ ВО БОЛНИЦИТЕ, НЕ ПРАВАМ ПИ-АР ОД ТОА, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ПО ПОСЕТАТА НА ПОВРЕДЕНИТЕ ВО КОЧАНСКИОТ ПОЖАР

    ГИ ПОЧИТУВАМ СИТЕ ПРОТОКОЛИ ПРИ ПОСЕТАТА НА ПАЦИЕНТИТЕ ВО БОЛНИЦИТЕ, НЕ ПРАВАМ ПИ-АР ОД ТОА, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ПО ПОСЕТАТА НА ПОВРЕДЕНИТЕ ВО КОЧАНСКИОТ ПОЖАРМицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари вчера ги посетија пациентите во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ и по посетата, од владината пи-ар служба испратија фотографии на кои не им се гледаат лицата на пациентите, а функционерите носат само заштитни маски. (Фото: Влада на РСМ)

    Премиерот Христијан Мицкоски вели дека ги почитувал сите здравствени протоколи при вчерашната и денешната посета на хоспитализираните пациенти по пожарот на 16 март во кочанската дискотека „Пулс“.  Во здравствените установи во Скопје и во Штип има вкупно 89 хоспитализирани пациенти, а во странство до сабајлево се испратени 76 пациенти. Во пожарот загинаа 59 лица, главнината на возраст од 14-25 години.

    Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари вчера ги посетија пациентите во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ и по посетата, од владината Служба за односи со јавноста испратија фотографии на кои не им се гледаат лицата на пациентите, а функционерите носат само заштитни маски.

    Од денешната посета на Мицкоски на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, беа испратени фотографии од Мицкоски со заштитна наметка и маска на лицето, без фотографии од болнички соби.

    Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера ги посети македонските пациенти кои се хоспитализирани во Универзитетскиот Клинички центар на Србија, со бројна медиумска медиумска екипа. Медиумите објавија фотографии и видеа од повредените деца во креветите на Интензивна нега, што наиде на бурни реакции и во Македонија и во Србија дека не е ниту медицински безбедно, ниту е етички така да се посетуваат критично повредени и тоа да се споделува во медиуми и социјални мрежи. Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) најостро ја осуди посетата на осуди Вучиќ, и рече дека ја смета за чин за неетичка експлоатација на жртвите за лична промоција, што отвора сериозни прашања за новинарската етика и безбедноста на пациентите.

    Мицкоски , Клековски и д-р Зоран Несторовски, раководител на Ортопедскиот оддел во ГОБ „8 Септември“ при денешната посета на пациентите. (Фото: Влада на РСМ)

    Директорот на болницата „8 Септември“ д-р Синиша Стојаноски, денеска рече дека би се воздржал од коментари за други институции, дека кај нив протоколите се запазуваат максимално.

    „Внимаваме максимално на стерилноста затоа што изгореницата е отворена рана и ние мораме да внимаваме да не дојде до инфекции на раните на пациентите“, рече директорот Стојаноски.

    Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), рече дека ниту денес ниту вчера не биле посетени пациенти на Интензивна нега.

    На новинарско прашање според кои протоколи ги посетува пациентите и дали има согласност од нив, бидејќи ниту на семејствата не им се дозволени посети, Мицкоски рече:

    „И вчера и денес посетив пациенти и ги запазив сите протоколи кои беа побарани од страна на медицинскиот персонал и докторите. На ниту една слика нема да видите лице на пациент, ниту да прочитате име и презиме. Да, има и такви кои влегуваа со камери. Јас не правам пи-ар, ова го правам за да излезам отворено пред вас и граѓание. Многу внимателно ги биравме фотографиите. Ако е тоа проблем, а не мислам дека е, подготвен сум да сносам одговорност“.

    Министерот за здравство Таравари доцна синоќа преку објава на Фејсбук апелираше до медиумите да се почитува приватноста и достоинството на жртвите.

    „Објавувањето снимки и фотографии од повредените во нивните најранливи моменти може да предизвика дополнителна болка, не само за нив, туку и за нивните семејства, и да влијае на нивниот процес на закрепнување. Затоа, упатувам искрен апел за одговорно известување, кое ќе стави акцент на поддршката и помошта за оние на кои им е најпотребна. Верувам во вашата професионалност и чувствителност во известувањето за оваа трагедија“, напиша Таравари.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира