Мустафа Имери е нов директор на Филхармонијата на Македонија, потврдија од Министерството за култура за САКАМДАКАЖАМ.МК. Имери е назначен за директор од министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во согласност со извештајот за селекција на кандидати и извршеното интервју со кандидатите што ги исполнуваат условите. Тој доаѓа на местото на досегашниот в. д. директор Александар Котевски.
Имери е родум од Скопје, каде што во 2008 дипломирал на Факултетот за музички уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и се стекнува со стручно звање дипломиран соло пејач. Од Министерството за култура велат дека Имери има 15-годишно искуство како раководител на Катедрата за албански јазик во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, потпретседател е на Здружението на албански музичари – САМБУМ, продуцент е на уметничката програма на Културно информативниот центар (КИЦ) и претседател на Здружението „Креатива арт“ со кое организира културни настани во земјава. Настапувал со Филхармонијата, со камерниот оркестар на Националната опера и балет (НОБ), со Албанскиот театар на фестивалот Охридско лето, на Интернационалниот фестивал на класична музика Интерфест, на премиерата на операта „Скендербег“ во НОБ, на концерти со „Три тенори“.
Од Синдикатот на вработените во Филхармонијата реагираа дека Имери е назначен на нетранспарентен и незаконски начин и преку соопштение најавија дека ќе побараат кривична одговорност за министерот Љутков „кој наместо да ги почитува законите реши до крај да го истера меѓупартискиот договор меѓу ВЛЕН и ДМПНЕ“.
Синдикатот најави дека Филхармонијата ќе престане со работа и ќе протестираат сѐ додека не се промени оваа одлука.
„Нашето единствено барање до Љутков беше конкурсот да се спроведе на законски и транспарентен начин и да се избере кандитатот кој ги исполнува сите услови. Не ни беше важна етничката припадност и на самиот почеток се оградивме од ваквиот наратив. Ги осудуваме сите изјави кои имаат националистичка позадина, бидејќи нам не ни е важна етничката припадност на идниот директор, туку неговиот капацитет и способност да ја води најстарата културна институција во земјата. Мустафа Имери не ги исполнува тие услови и е избран на незаконски начин. Ја информираме јавноста дека нашиот хуманитарен концерт ‘Без зборови’ закажан за утревечер ќе се одржи, бидејќи, тоа им го должиме на невините жртви во страшната трагедија во Кочани, но и на публиката која со своето присуство и купениот билет ќе донира во фондот за настраданите“, стои во соопштението од Сидникатот.
На нашето прашање како ќе ги коментираат изјавите на Синдикатот дека Имери е избран незаконски, и дали ќе има некакви санкции за музичарите ако престанат со работа, од Министерството велат:
„Министерството за култура и туризам нема да ги коментира изјавите на Синдикатот на Филхармонијата туку уште еднаш ќе потенцира дека Конкурсот е спроведен во согласност со сите законски прописи. Воедно, информираме дека министерот нема законска надлежност да се меша во работата на установата која е посебно правно лице основано од страна на Владата и со која раководи директор во согласност со закон и со Статутот на установата“.
Б. НЕСТОРОСКА