„Зарем малку ни се карциномите што ги добиваме од РЕК, уште од ѓубрето ни фалат нови“, реагираа битолчани кои попладнево излегоа на вториот протест против изградба на регионална депонија во близина на Битола. Протестот се одржа пред зградата на Општина, а се бара регионалната депонија каде смет ќе депонираат 18 општини од Пелагонискиот и Југозападниот Регион да не биде во рудникот Суводол во Општина Новаци, како што е предвидено во проектот.
На протестот критикуваа дека државата не го реши загадувањето од сегашната несанитарна депонија Магленци, па сега немаат доверба дека новата ќе се изгради по еколошки стандарди.
„Секој град да си го реши ѓубрето локално со своите ресурси кои ги има. Да не се вози ѓубрето од цел регион наваму-натаму. Имаме македонски производи за конвертирање на отпадот во енергенси во средства за биогас, за ѓубрење. Нашата депонија Мегленци да се осовремени“, рече Никола Танчерски, иноватор од Битола.
„Мора да има депонија и ѓубрето некаде да се фрла, но да биде надвор од населено место и од плодно земјиште“, рече Зоран Лазаревски-Паљо.
Советот на Општина Битола исто така има донесено заклучок со кој се бара измена на локацијата за регионална депонија, кој вчера беше испратен до Влада и до петтемина битолските пратеници во Собранието.
Претставниците од Министерството за животна средина и просторно планирање на вонредната седница на битолскиот Совет на 12 март годинава изјавија дека новата депонија ќе биде по еколошки стандарди, дека од неа повеќе загадува сегашното ѓубриште во Мегленци и дека проектот е од национален интерес за кој се обезбедени средства преку заем од Европската банка за обнова и развој.
Ж. ЗДРАВКОВСКА