По вторпат е одложен почетокот на судењето против Менсур Пајазити, кој во август 2022 на пешачки премин на улица во Тетово ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска. Како и при првото одложување, така и на ова судијата Елведин Ферати наведе дека обвинетиот доставил поднесок до судот во кој навел дека од здравствени причини нема да присуства на рочиштето. Потоа судијата донесе решение со кое ја одложи главната расправа за 7 април во 12,30 часот.
„Од наша страна ќе биде проверено дали навистина обвинетиот е во болница и дали навистина му е потребно лекување. Дали во овој период од одлагањето тој се јавува на работа, затоа што е наставник во гимназија во Тетово. Затоа што, ако е на боледување, како оди на работа? Ќе се потрудиме до наредната расправа да добиеме одговор од надлежните институции“, изјави адвокатката Наташа Ѓорчевска, бранителка на семејството на Теодора.
Семејството Ристовски е револтирано од ваквото постојано одолговлекување на судењето.
„Мора да има системски промени. Како може Апелација да ја укине пресудата од 3,5 години? Јас се сомневам на можен поткуп. Како може истиот да се жали до Врховен суд, а ние немаме право на жалба. Го молам и претседателот на Владата да преземе одговорност за оваа работа, мора да има системски промени. Три години нè мачат. Ќерка од 22 години изгубив, ја убија. Мора да се борам за неа, јас плачам за правда. Не плачам за друго. А правдата ја нема во Македонија“, изјави Круме Ристовски, татко на Теодора.
Пред Основниот суд во Тетово група млади протестираше и истакна транспаренти со барање правда за Теодора.
За сообраќајната несреќа која се случи во август 2022, првото судење почна скоро една година подоцна во јули 2023, а во ноември 2023, откако ја призна вината Менсур Пајазити е осуден на три години и шест месеци затвор. По жалба, Апелацискиот суд ја намалил казната на две години затвор, па Врховниот суд ги укинал двете пресуди на Основниот и Апелацискиот суд и предметот го врати на повторно судење.
З. АНДОНОВ