Владимир Путин изјави дека Русија сериозно ги сфаќа зборовите на Доналд Трамп за можна американска анексија на Гренланд. Зборувајќи на Меѓународниот арктички форум во рускиот град Мурманск, Путин потсети дека слични планови имало и во 19. век, кога Конгресот се спротивставил на идејата на претседателот Ендрју Џонсон.
„Ова само на прв поглед би можело да биде изненадување за некого. Би било голема грешка кога би верувале дека тоа е само некаков екстравагантен муабет на новата американска администрација, но не е така“, кажа Путин.
Тој ги опиша плановите на САД во врска со Гренланд како многу сериозни.
„Тие планови имаат долготрајни историски корени и очигледно е дека САД ќе продолжат да ги промовираат своите геостратешки интереси на Арктикот“, рече Путин.
Откако се врати во Белата куќа, Трамп постојано ги искажува своите аспирации кон Гренланд и неодамна кажа дека САД ќе го земат на овој или оној начин.
„Ни треба Гренланд заради меѓународната безбедност“, кажа Трамп.