ПОЛОВИНА ОД БИТОЛСКИТЕ ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА РАБОТАТ СО ЗАГУБА, ДОЛГОТ ОД 2,8 МИЛИОНИ ЕВРА ИЛИЕВСКА ГО НАРЕЧЕ СТЕЧАЈ ЗА БИТОЛА

    ПОЛОВИНА ОД БИТОЛСКИТЕ ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА РАБОТАТ СО ЗАГУБА, ДОЛГОТ ОД 2,8 МИЛИОНИ ЕВРА ИЛИЕВСКА ГО НАРЕЧЕ СТЕЧАЈ ЗА БИТОЛАНајголема загуба има „Водовод“ со над 987.000 евра, на второ место е „Комуналец“ со 955.000 евра. (Фото: СДК.МК)

    Половина од десетте јавни комунални претпријатија во Битола ја завршиле 2024 година со негативни финансиски сметки, со загуба од 150 милиони денари (околу 2,4 милиони евра). Директорите ги потврдија загубите на Комисијата за финансии и буџет при Советот на Општина Битола.

    Најголема загуба има „Водовод“ со над 61 милион денари (над 987.000 евра), на второ место е „Комуналец“ со 59 милиони денари (955.000 евра), трета е Нискоградба 21 милион денари (340.000 евра), па „Паркинзи“ со 3,2 милиони денари (52.000 евра) и на крај „Пазари“ со 2,8 милиони денари (45.000 евра).

    „Битола е во стечај, загуба од 150 милиони денари“, рече претседателката на Советот Габриела Илиевска, од независната граѓанска иницијатива Поинаку.

    Советничката од СДСМ Мирјана Ралевска-Захариевска рече дека „Пазари“ за телефонски услуги плаќа 227.000 денари зашто претходниот директор случил договор за 59 телефонски линии, а вкупно се 40 лица на работа.

    „Јас тоа го наследив како обврска и не можам да го променам, додека не завршат договорите“, рече директорот на „Пазари“ Драги Џаревски и се  пожали на помал број склучени договори за закуп на тезги и зачестената појава на нелојалната конкуренција.

    Во „Паркинзи“ има зголемување на услугите, но и на трошоците, а претседателката на Советот Илиевска рече дека таму за три години се промениле 4 директори.

    Претставниците од „Водовод“ за негативниот финаниски резултат рекоа дека се должи на лошите временски услови, големиот сушен период во поголемиот дел од 2024 година, што довел до зголемување на трошоците за набавка на сурова вода за 144 проценти, поголеми трошоци за електрина енергија за 103 приценти, зголемувањето на платите за 10 проценти и други причини.

    Директорот на „Комуналец“ Горан Степановски рече дека најмногу од редовното работење ги изместиле двете покачувања на платите, а потоа кредитот и тужбите од претходните раководства кои ги доплатиле и друго. На прашањето од Илиевска како понатаму ќе функционираат и дали ќе бидат доведени до ситуација да немаат за плати и пари за тековни трошоци, Степановски рече дека се прават тековни анализи и дека тоа нема да се дозволи.

    Директорот на „Нискоградба“ Зоран Талевски, прашан дали е намален обемот на работа што го добиваат од Општината, реча дека со застарувањето на многу машини и со нивното отуѓување во изминатиот период намален е капацитетот на работа, но не значи дека не можат да работат и други инфраструктурни проекти, а не само канализација како сега.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира