ИЛЈАДНИЦИ АМЕРИКАНЦИ ПРОТЕСТИРАА ПРОТИВ ТРАМП НА 1.200 ДЕМОНСТРАЦИИ НИЗ САД

    ИЛЈАДНИЦИ АМЕРИКАНЦИ ПРОТЕСТИРАА ПРОТИВ ТРАМП НА 1.200 ДЕМОНСТРАЦИИ НИЗ САДПод мотото „Тргни ги рацете“ беа организирани демонстрации на повеќе од 1.200 локации во сите 50 држави во САД од над 150 активистички групи, како и во Канада и Мексико. (Фото: АП)

    Илјадници демонстранти вчера се собраа во Вашингтон и ширум САД, на околу 1.200 демонстрации кои го формираа најголемиот ден на протести против претседателот Доналд Трамп и неговиот сојузник милијардерот Илон Маск, откако тие почнаа со чистка во владата и проширување на претседателските овластувања. Под мотото „Тргни ги рацете“ беа организирани демонстрации на повеќе од 1.200 локации во сите 50 држави во САД од над 150 активистички групи, како и во Канада и Мексико.

    „Целата наша земја е нападната, сите наши институции, сите работи што ја прават Америка она што е“, рече една демонстрантка во Вашингтон за власта на Трамп. Демонстрантите држеа натписи со пароли како „Бори се против олигархијата“.

    Демонстрантите изразија гнев поради потезите на администрацијата за отпуштање на илјадници федерални работници, затворање на канцелариите на Администрацијата за социјално осигурување, ефективно затворање на цели агенции, депортирање имигранти, намалување на заштитата за трансродовите луѓе и намалување на финансирањето на здравствените програми.

    На прашање за протестите, Белата куќа во соопштението рече: „Позицијата на претседателот Трамп е јасна: тој секогаш ќе ги штити социјалното осигурување, Медикер и Медикеид за подобните корисници. Во меѓувреме, ставот на демократите им дава бенефиции за социјалното осигурување, Медикеид и Медикер на нелегалните имигранти, што ќе ги банкротира овие програми и ќе ги уништи американските повозрасни лица“.

    Трамп, кој ги потресе финансиските пазари и ги вознемири земјите ширум светот со голем број трговски царини изминатава недела, го помина денот на Флорида, играјќи голф во својот клуб во Јупитер пред попладнето да се врати во својот комплекс Мар-а-Лаго.

    Со благослов на Трамп, тимот на Одделот за владина ефикасност (ДОГЕ) на Маск ја покоси владата на САД, елиминирајќи над 200.000 работни места од 2,3 милиони федерална работна сила. Се случуваше чистката да биде и опасна, зашто беа отпуштени и разни неопходни специјалисти. Во петокот, Управата за приходи почна да отпушта над 20.000 работници, дури 25% од вработените.
    Голем дел од агендата на Трамп беше ограничена со тужби во кои се тврди дека ги пречекорил своите овластувања со обиди да отпушти државни службеници, да депортира имигранти и да ги промени правата на трансродовите лица.

    Неколку часа пред почетокот на протестите во САД, стотици Американци против Трамп кои живеат во Европа се собраа во Берлин, Франкфурт, Париз и Лондон за да го изразат противењето на неговото менување на надворешната и внатрешната политика.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира