Царините за увозот од Македонија кои ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп според премиерот Христијан Мицкоски се резултат на некаква грешка или погрешни информации. Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања како царините од САД ќе се одразат на економијата рече дека Владата работи со нашите партнери САД и очекува многу скоро да се коригира оваа одлука.
Од 9 април на сила стапуваат новите царини за увозот од 180 земји, вклучувајќи ја и Македонија. За Македонија, Трамп одреди царина од 33 отсто, со тврдење дека Македонија има царина од 65 отсто за увозот од САД.
„Нашата трговска размена со САД во 2024 година е во негатива, односно има остварено дефицит, а државите кои што имале дефицит практично немаат ваков вид на зголемување на давачките. Сега се споредуваат податоците. Во контакт сме и со Амбасадата и со Министерството за економија и со Кабинетот на претседателот Трамп, а тоа беше дел од разговорите што ги имаа во Брисел на кратко министерот Тимчо Муцунски и државниот секретар Марко Рубио. Така што, во периодот очекувам да се излезе од оваа состојба“, одговори Мицкоски на прес-конференцијата во Владата за зголемување на капитациониот бод за матичните доктори од општа медицина и гинекологија.
Прашан што точно се преговара со САД и кога очекува повратен одговор, Мицкоски не кажа детали објаснувајќи дека прцесот е сензитивен.
„Затоа не би откривал ништо во јавноста додека не се заврши договорот. Затоа што пристапот е таков, додека сѐ не се заврши, немаме ништо. Кога сѐ ќе се заврши, тогаш ќе излеземе во јавноста со детални информации“, рече премиерот Мицкоски.