ПРОДОЛЖИ НОВИОТ СУДСКИ ПРОЦЕС ЗА ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВСКАТА МОДУЛАРНА БОЛНИЦА, НА СЛЕДНОТО РОЧИШТЕ ЌЕ СЕ ЧИТААТ ИСКАЗИ НА СВЕДОЦИТЕ ДАДЕНИ ПРИ ПРВОТО СУДЕЊЕ

    ПРОДОЛЖИ НОВИОТ СУДСКИ ПРОЦЕС ЗА ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВСКАТА МОДУЛАРНА БОЛНИЦА, НА СЛЕДНОТО РОЧИШТЕ ЌЕ СЕ ЧИТААТ ИСКАЗИ НА СВЕДОЦИТЕ ДАДЕНИ ПРИ ПРВОТО СУДЕЊЕНаредното рочиште е закажано на 22 април, кога ќе се читаат исказите на сведоците од Обвинителството и ќе се сослушаат трите сведоци предложени од одбраната. (Фото:СДК.МК)

    Со читање на писмените докази од одбраната, денеска продолжи повторениот судски процес за обвинетите доктори Флорин Бесими и Артан Етеми, и Клиничката болница во Тетово, како правно лице, кои се обвинети за кривичното дело Тешки дела против општата сигурност, а во врска со пожарот кој на 8 септември 2021 изби во модуларната ковид-болница во Тетово при што загинаа 14 пациенти и нивни роднини. Откако одбраната ги прочита писмените докази кои тие ги доставуваат, обвинителите побараа заради ефикасност на постапката, наместо да се повикаат нивните сведоци и повторно да се сослушаат, да се изврши читање на исказите кои тие ги дадоа при првото судење.

    По пауза од половина час за да може да се консултира за овој предлог, одбраната го прифати овој предлог. Во делот на предложените сведоци од страна на одбраната, адвокатот на првообвинетиот Флорин Бесими предложи три сведоци кои побара да бидат сослушани на наредното рочиште.

    Иако уште на почетокот на судењето судијата Реџеп Муса ги предупреди присутните на судењето да се однесуваат пристојно и да не го попречуваат судењето, додека адвокатот на Клиничка болница Тетово го читаше списокот на лицата кои добиле материјална помош, роднина на едно лице загинато во пожарот во модуларната болница гласно реагираше зошто се изнесуваат вакви податоци и дека тоа не е етички кон жртвите во пожарот. Ваквата реакција адвокатот ја окарактеризира како закана кон него, но судијата Муса не го оцени овој испад како таков, по што судењето продолжи.

    Наредното рочиште е закажано на 22 април, кога ќе се читаат исказите на сведоците од Обвинителството и ќе се сослушаат трите сведоци предложени од одбраната.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира