Одговорот на Европската Унија на американските реципрочни царини би можел да биде помалку агресивен од она што се очекуваше, но би можел да биде креативен за да ја погоди Америка таму каде што најмногу боли
Според интерен документ, во кој увид доби сајтот „Политико“, Европската комисија планира да воведе царини од 25% за широк спектар извозни производи од САД, чија вредност е околу 22 милијарди евра. Тие би вклучиле соја, месо, тутун, железо, челик и алуминиум, американски сектори кои најмногу се потпираат врз извозот преку Атлантикот.
Виски нема да се најде на листата за царини на барање на Франција, Италија и Ирска, но ќе се воведат царини за сладолед од Аризона, марамчиња од Јужна Каролина, електрични ќебиња од Алабама, машини за перење од Висконсин и ноќници од Охајо и Кентаки.
Членките на ЕУ денеска ќе гласаат за царини за САД, при што не се очекува некој да се спротивстави. Првите царини, за производи како брусница и сок од портокал, треба да стапат на сила на 15 април, а следниот ден ќе почнат да важат и оние за челик, месо, бело чоколадо и полиетилен. За крај, од 1 декември ќе се применуваат царините од 25% за бадеми и соја.
Царините ќе погодат извоз од републиканските сојузни држави вреден 13,5 милијарди долари. Највреден производ од листата е сојата. САД се вториот најголем производител и извозник на сојата во светот, која веќе е погодена од кинеските противмерки. Повеќе од 82% од сојата што се извезува од САД во ЕУ доаѓа од Луизијана, матичната држава на спикерот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон.
Мета на ЕУ исто така ќе бидат говедско месо од Канзас и Небраска, живина од Луизијана, автоделови од Мичиген, цигари од Флорида и производи од дрво од Северна Каролина, Џорџија и Алабама.
Севкупно, одмаздничките мерки од Кина, Канада и ЕУ ќе погодат американски извоз во вредност од 90 милијарди долари.