ДЕВОЈКА КОЈА ДВАПАТИ БИЛА РЕАНИМИРАНА ПО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА Е НА НОЗЕ И ВО СТАБИЛНА СОСТОЈБА ВО СКОПЈЕ, РЕЧЕ ТАРАВАРИ

    ДЕВОЈКА КОЈА ДВАПАТИ БИЛА РЕАНИМИРАНА ПО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА Е НА НОЗЕ И ВО СТАБИЛНА СОСТОЈБА ВО СКОПЈЕ, РЕЧЕ ТАРАВАРИСемејствата на настраданите во пожарот на 12 април го одржаа вториот протестен марш под мотото „Задоцнета реакција“, изразувајќи незадоволство од бавноста на институциите во расветлување на трагедијата. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Дваесетгодишна девојка, која била меѓу потешко повредените во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март и била два пати реанимирана, е веќе на нозе и во стабилна состојба на Клиниката за пластична хирургија во Скопје, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари. Во пожарот загинаа 61 лице, меѓу кои 6 деца, а 193 беа повредени од кои 25 деца.

    Таравари кажа дека девојката била еднаш реанимирана на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, а вториот пат при транспортот во странство.

    „Сите пациенти кои дојдоа тоа утро беа тешки, изгорениците беа во поголем степен. Таа е реанимирана во Ургениот центар, па пренесена во КАРИЛ. Таа една од првите која беше пренесена во друга установа надвор од земјата. Вратена е во стабилна состојба. Утре се планира мал хируршки зафат за третирање на раните на кои сѐ уште им треба доста нега. Ги очекуваме сите други параметри, бидејќи беше малку покритична и некои компликации настанале за време на лекувањето, но рековме дека е стабилна и се движи. Кога ќе бидат сите анализи во ред би ја пуштиле на домашно лекување“, рече директорката на Клиниката, д-р Јасмина Ѓоргиевска-Павловска.

    Таравари рече дека во скопските болници се лекуваат 9 пациенти, во странство 48, од кои еден денес ќе се врати од Унгарија. Од пациентите во странство, двајца се во критична состојба.

    Вкупно 45 физички лица и 3 правни лица се осомничени за пожарот во дивата дискотека во Кочани и се товарат за Тешки дела против општата сигурност. Истрага се води и против седум полициски службеници од Штип и Кочани и тие се во притвор.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира