УЛИЧНО КУЧЕ НАПАДНА ОСУМГОДИШНО ДЕТЕ ВО БИТОЛА, ИМА ПОВРЕДА НА ЧЕЛОТО

    УЛИЧНО КУЧЕ НАПАДНА ОСУМГОДИШНО ДЕТЕ ВО БИТОЛА, ИМА ПОВРЕДА НА ЧЕЛОТОДетето било нападнато во угостителски објект на плоштадот Магнолија во Битола, при што е повредено на челото. (Фото: СДК.МК)

    Осумгодишно дете вчера било нападнато од улично куче  во угостителски објект на плоштадот Магнолија во Битола, при што е повредено на челото. Детето било згрижено во Одделението за максилофацијална хирургија при Клиничката болница во Битола, каде што му била пружена неопходната медицинска помош. Повредата му била санирана, а тоа пуштено на домашно лекување со препишана терапија и лекарски препораки.

    Од Општина Битола изразија далбоко жалење, а во соопштението испратено до медиумите велат дека во денешниот контакт со родителите, градоначалникот Тони Коњановски бил информиран дека детето се чувствува добро, но сѐ уште е исплашено после вчерашната случка. Коњановски, посакувајќи му брзо закрепнување на детето, во разговорот со родителите нагласил дека Општината интензивно работи на решавање на проблемот со бездомните кучиња.

    „Во координација со Комуналец, Општина Битола веќе ги презема сите потребни мерки за спречување на вакви случаи. Овој инцидент уште еднаш ја потенцира потребата од систематско и долгорочно решение на проблемот со бездомните кучиња. Прифатилиштето ‘Хачико’, кое започна со работа во октомври 2024 година, претставува важен чекор во воспоставувањето организиран пристап за справување со оваа проблематика“, соопштија од Општината.

    За три години, во периодот од 2021 до 2023 пред отворањето на прифатилиштето, за седум пати пораснал износот на пари што ги исплатила Општина Битола по тужби на граѓани каснати од кучиња. Од Општината потврдија дека во 2023 исплатиле 7.769.952 денари (над 126.000 евра). Според претходни изјави на општинските власти, во 2022 биле платени 2.885.115 денари (околу 47.000 евра), а во 2021 се 1.129.000 (18.350 евра). Од Општина Битола минатата година изразија сомнеж за сторени злоупотреби со лажирани пријави за каснувања од улични кучиња.

    Прифатилиштето „Хачико“ се отвори во ноември минатата година, а работи на принцип „залови, стерилизирај, вакцинирај и врати односно вдоми“ и се очекува на долг рок да го намали бројот на улични кучиња низ градот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира