Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) го анализираше Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и утврди дека треба да се прецизира поимот „целокупна документација“ во врска со јавните набавки, бидејќи како што сметаат оттаму, можно е да бидат објавени и доверливи информации.
Според ДКСК, станува збор за регулаторен ризик во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, коj што се однесува на објавувањето документи за јавните набавки и препорача да се преиспита конкретниот член од законот и тој да предвидува објавување само на релевантни документи, како што стои во Законот за јавни набавки.
Членот на ДКСК, Софија Спасова, образложувајќи го извештајот за антикорупциската проверка на Законот, рече дека поимот „целокупна документација“ не е доволно прецизно дефиниран.
„ДКСК смета дека поимот ‘целокупна документација’ во однос на јавните набавки не е прецизно дефиниран поради што може да се случи да се објават доверливи информации и да дојде до повреда на правата на трети лица“, изјави Спасова на седницата.