Украден е релјефот од споменикот на децата бегалци од Егејска Македонија во паркот „Жена борец“ во строгиот центар на Скопје, спроти Собранието. Релјефот претставува мајка-страдалничка со своите три деца, тргнати во непознат правец и разделени од своето огниште и најмилите.
Авторка на споменикот е архитектката Даница Павловска-Циги, а бронзениот релјеф е дело на уметникот Насо Беќаровски. Павловска-Циги вели дека релјефот го нема веќе извесно време, но на никого од надлежните не им е гајле, а случајот е пријавен во полиција.
„Многу страшно е денес, вандалски дрско и криминално е украден релјефот од бакар и емотивната порака во натписот „Татковината – копнеж на прогонетите”. Но, најстрашно е што скоро никој не реагира, а регуларно е пријавено во полиција. Убива таа рамнодушност“, реагираше на 10 април Даница Павловска-Циги.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) дури денеска соопштија дека во СВР Скопје било пријавено оти од паркот „Жена борец“ во Скопје од споменик на култура на Македонците од егејскиот дел на Македонија со употреба на физичка сила била одземена спомен-плоча и дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Од Град Скопје ни одговорија нека не се надлежни за споменикот, а дали нешто ќе се преземе за негова обнова прашавме и во Министерството за култура, но не добивме одговор.
Град Скопје во 2020, во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов, го реконструираше споменикот односно беа заменети оштетените плочи, беше реновирана и фонтаната и засадено ново зеленило и цвеќиња наоколу.
Споменикот е посветен на егзодусот на над 20.000 деца жртви од Граѓанската војна во Грција 1946-1949, а беше поставен на 30 јуни 1988, кога во Скопје се одржа Првата светска средба на децата бегалци.
А. АНТЕВСКА