Маж кој имал 130 килограми и индекс на телесна маса 40 е првиот пациент кому му беше извршена првата операција на државен трошок за намалување на дебелината, рекоа денеска директорот на Клиниката за дигестивна хириругија д-р Огнен Костовски и министерот за здравство Арбен Таравари. Директорот Костовски кажа дека операцијата била извршена на 27 март, но информацијата ја објавуваат денес поради почит кон жртвите и настраданите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, кога загинаа 61 лице, а 193 беа повредени.
Пациентите се регрутираат преку преку двата Центра за обезност, кои се наоѓаат во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ и на Клиниката за ендокринологија.
„Пациентите за операција се бираат според повеќе критериуми. Секој кој разбра за оваа операција се јави кај хирург. Но, хирурзите не регрутираат пациенти. Пациентите се регрутираат преку Центрите за дебелина“, кажа Костовски.
На Светскиот ден на дебелината, 4 Март, министерот за здравство Арбен Таравари рече дека бројките за лица со дебелина во Македонија се сериозни, над 30-35 отсто се со обезност, тие што се со индекс на телесна тежина над 30, а во светот над милијарда. За 10 години, според проекците, таа бројка би требало да порасне за 50 отсто, значи 1,5 милијарди луѓе, и тоа не само во развиени држави, туку и во држави кои се во развој.
На денешната прес-конференција говореше и националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, која кажа дека минатиот месец била извршена и трансплантација на црн дроб, два бубрега, коски и лигаменти од починат дарител.
- 40 ПРЕКУМЕРНО ДЕБЕЛИ ПАЦИЕНТИ ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ОПЕРИРААТ НА ДРЖАВЕН ТРОШОК НА КЛИНИКАТА ЗА ДИГЕСТИВНА ХИРУРГИЈА
- ДЕБЕЛИ СЕ НАД 30 ОТСТО ОД ДЕЦАТА ОД 6-9 ГОДИНИ, ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ БАРА ДАНОЦИ ЗА ЗАСЛАДЕНИ ПИЈАЛОЦИ И ЗАБРАНА ЗА РЕКЛАМИРАЊЕ ХРАНА СО ВИСОКА СОДРЖИНА ШЕЌЕР, СОЛ И ТРАНС-МАСТИ
Б. НЕСТОРОСКА