Силни емоции до солзи предизвика кај публиката вчерашната премиера на претставата „Црно семе“ на Народниот театар од Битола, работена по романот на писателот Ташко Георгиевски, а во режија на Андреј Цветановски. Ова беше прва театарска драматизација на славното дело на Георгиевски објавено во 1966, за кое семејството ги отстапи авторските права на Битолскиот театар, а драматизацијата е на Јелена Цветановска.
Пожртвуваната игра со целосно вложување на 17-те актери, како и темата за страдањата на Македонците од Егејскиот дел кои минале низ пекол само затоа што не сакале да се откажат од својот идентитет, ја трогна до солзи публиката. Актерите на сцената играа во вода, песок и прашина за што пореално да го остликаат ужасот низ кој минала група Македонци кои за време на Граѓанската војна во Грција (1946-1949) биле затворени на превоспитување на пуст остров во Грција. Таму од нив, преку бројни малтретирања, притисоци и безмилосни понижувања се барало да се откажат и со својата националност.
Ликот на ќосиот Доне од Саракиново одлично го одигра Марин Мирчевски кој со своите дијалози и монолози напати тивки, а на моменти гласни и гневни, успеа да ги отслика македонскиот непокор и истрајност. Брилјираше и Огнен Дрнаговски во улогата на високиот Христо, доловувајќи ја неговата тешка душевна состојба и маченичката смрт по преживените измачувања и понижувања.
Маестралната сценографијата на Сергеј Светозарев и моќните светлосни ефекти успеаја да го пренесат пустиот остров опкружен со вода на сцената и да ја претстават маченичката голгота на Македонците. На крај затворениците умираат пеејќи ја песната „Бело Море“ од Мизар.
Театарската екипа доби повеќеминутен бурен аплауз. По пауза од повеќе години, на битолската театарска сцена беше поставено едно од капителните дела на македонските романописци од 20. век, со голем интерес кај публиката.
Ж. ЗДРАВКОВСКА