Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека израелските трупи ќе останат во таканаречените безбедносни зони во Газа, Либан и Сирија на неодредено време, што би можело да ги отежни преговорите со Хамас за примирје и ослободување на заложниците.
Израелската војска зазеде повеќе од половина Газа откако беше прекинато примирјето минатиот месец. Израел исто така одбива да повлече свои трупи од делови на Либан и Сирија, каде што ја зазеде тампон зоната по падот на режимот на Башар ал-Асад во декември.
„За разлика од минатото, израелската војска нема да се повлече од областите што ги зазеде и исчисти. Војската ќе остане во безбедносните зони како тампон меѓу непријателот и израелските заедници во која било привремена или трајна ситуација во Газа, како и во Либан и Сирија“, изјави Кац.
Палестинците и соседните земји го сфаќаат ова како воена окупација и кршење на меѓународното право. Либанскиот претседател Џозеф Аун изјави дека постојаното израелско присуство во некои области го попречува целосното распоредување на либанската војска, како што беше договорено со прекинот на огнот.
Хамас кажа дека нема да ги ослободи преостанатите заложници без целосно повлекување на израелските трупи од Газа и трајно примирје. Израел вели дека мора да ја задржи контролата врз безбедносните зони за да се спречат идни напади налик на оној од 7 октомври 2023.