ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЈА ОБЖАЛИ ПРЕСУДАТА ОД ДВЕ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ВОЗАЧОТ КОЈ ЈА УСМРТИ ТЕОДОРА РИСТОВСКА ВО ТЕТОВО

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЈА ОБЖАЛИ ПРЕСУДАТА ОД ДВЕ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ВОЗАЧОТ КОЈ ЈА УСМРТИ ТЕОДОРА РИСТОВСКА ВО ТЕТОВОСемејството на починатата Теодора Ристовска, кое во оваа фаза од постапката нема право на жалба, писмено се обратило до обвинителството со барање да ја обжалат пресудата. - Од судењето во Основниот суд Тетово (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Тетово поднесе жалба на пресудата на Основниот суд во Тетово од 7 април 2025 година, со која обвинетиот М.П. доби затворска казна од две години за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, откако ја прегази пешачката Теодора Ристовска, која подоцна им подлегна на повредите.

    Обвинителството смета дека изречената санкција е преблага во однос на тежината на делото и степенот на кривична одговорност на обвинетиот, особено имајќи ги предвид тешките последици од сообраќајната несреќа.

    Од ОЈО Тетово велат дека иако го зеле предвид мислењето на Судскиот совет пред донесувањето на правосилната пресуда, во ниту еден момент од претходната постапка не се согласиле со двегодишна затворска казна за овој случај. Според надлежниот јавен обвинител, постои простор за корекција на казната нагоре.

    „Општиот јавен интерес, предизвикан од зачестеноста на вакви кривични дела како појава, укажува на потребата од јакнење на казнената политика како превентивен механизам“, велат од Обвинителството.

    Поради ова, јавниот обвинител одлучил да ја искористи законската можност и преку жалба до Апелацискиот суд Гостивар да побара преиначување на пресудата и изрекување повисока казна за обвинетиот.

    Од Обвинителството додаваат дека и семејството на починатата Теодора Ристовска, кое во оваа фаза од постапката нема право на жалба, писмено се обратило до нив со барање да ја обжалат пресудата.

    Обвинетиот М.П. беше осуден според член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира