Вработените во здравството не добија зголемени плати, иако беше најавено дека покачувањето ќе биде од април. Здравствените работници кои се јавија во нашата редакција реагираат дека мартовската плата ја добиле без покачувањето кое Владата го најави.
„Вработените во здравството ќе добијат зголемување на платата, започнувајќи со платата за март 2025. Зголемувањето ќе се исплати по потпишувањето на анексите на колективните договори, согласно овластувањето кое Владата им го даде на директорите на јавните здравствени установи”, ни одговорија од Министерството за здравство.
Владата на 9 април соопшти дека растат платите на вработените во здравството, образованието и безбедноста.
„Вработените во здравството добија покачување од пет проценти со мартовската плата исплатена во април, платите во образованието се зголемени за седум проценти, а на 12.000 полицајци платите им се зголемија за дури 10 проценти. Квалитетното образование е наша цел и токму затоа просветните работници и сите вработени во образованието земаат покачување од седум проценти, со што конечно се враќаат изгубеното достоинство и вреднувањето на нивниот труд. Платите на сите вработени во образованието до крајот на мандатот ќе пораснат за 46 проценти”, соопшти Владата.
Во ноември, по состанокот со претставниците на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита и Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, премиерот Мицкоски кажа дека од март ќе има дополнително зголемување од пет проценти на паричната маса која се издвојува за плати за здравствените работници.
„Следната 2026 ќе има од 5 до 7 проценти, во зависност од тоа во каква состојба и кондиција ќе биде буџетот, а се надеваме дека ќе биде навистина во здрава кондиција и работиме на тоа, зошто да не одиме на горната граница. Истото зголемување од 5 до 7 проценти ќе биде во 2027, а од 7 до 10 проценти во 2028. Кога ќе го земете целиот овој период во низа, добиваме зголемување на паричната маса за платите на здравствените работници меѓу 45 и 50 проценти“, рече премиерот.
Б. НЕСТОРОСКА