ТРЕБА ДА СЕ ИЗВРШИ ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА НА 300 ПАРЦЕЛИ ЗА ИЗГРАДБАТА НА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА ВО ВЕЛЕС

    ТРЕБА ДА СЕ ИЗВРШИ ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА НА 300 ПАРЦЕЛИ ЗА ИЗГРАДБАТА НА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА ВО ВЕЛЕСПречистителната станица треба да биде изградена близу вливот на реката Бабуна во Вардар, неколку километри низводно од Велес. (Фото: СДК.МК)

    Проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води и колекторски систем во Велес е во фаза на експропријација на земјиштето каде ќе минува одводната мрежа во должина од неколку километри. Со реализацијата на овој проект, треба да се реши излевањето на одводните води од велешките домови во Вардар од двете страни на градот.

    „Техничката и тендерската документација за проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води и надградба на канализационата мрежа во Велес е подготвена. Проектот е испрограмиран во ИПА Оперативна програма за животна средина (2024-2027). За да започне со имплементација, потребно е да се потпише финансиска спогодба помеѓу државата и Европската комисија. Истото се очекува најдоцна до декември 2025. Предуслов за да се објави тендерот е завршена експропријација и издавање одобрение за изградба. Општина Велес работи на завршување на процесот на експропријација. Потоа следи објавување на тендерот за изградба од страна на Министерството за финансии. Изградбата се планира да почне во првата половина на 2026, треба да заврши за две години, па следи една година гарантен период“, велат од Министерството за животна средина.

    Овој проект е финансиран од ИПА проектот од ЕУ фондовите. Пречистителната станица треба да биде изградена близу вливот на Бабуна во Вардар, неколку километри низводно од Велес. Според објаснувањето на градоначалникот на Велес Марко Колев, проектот беше заглавен откако вработен во Министерството за земјоделство плацот каде таа требало да се гради го дал на компанија која одгледува лозје. Потоа се бараше нова локација, која беше најдена и беше извршена промена во проектот, со што се изгуби време.

    „Експропријација ќе се врши на повеќе од 300 парцели, за кои се изготвуваат проценки. По завршувањето на проценките, ќе се утврди висината на средствата потребни за експропријација кои Општина Велес треба да ги обезбеди од општинскиот буџет. Досега нема исплатени средства за експропријација на ниту еден сопственик на парцела. Со измена на програмата за уредување на градежно земјиште ќе се обезбедат 1.000.000 денари со кои би почнала исплатата, а останатите средства ќе се обезбедуваат од страна на Општина Велес во тековната година“, велат од Општина Велес.

    Проектот е во вредност од 24 милиони евра. Ќе биде преку ИПА 3 програмата на Европската Унија за поддршка на проекти за заштита на животната средина, а Општина Велес е вклучена заедно со Општина Штип, која ќе врши заштита на водите на Брегалница. Таму работите се понапред, годинава завршува експропријацијата на земјиштето каде што минува колекторската цевка.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира