Група пензионери со прекар „дедовци разбојници“ следната недела ќе седнат на обвинителна клупа во Париз, обвинети за кражба на накит вреден милиони евра од американската ТВ-ѕвезда Ким Кардашијан за време на нејзиниот престој на Париската модна недела во 2016 година.
Во грабежот, кој се смета за најголема кражба од поединец во Франција во последните 20 години, Кардашијан беше врзана и држена како заложник под закана со оружје во нејзината спална соба во центарот на Париз. Инцидентот се случи во раните утрински часови на 3 октомври 2016 година, кога вооружени крадци облечени како полицајци упаднаа во нејзиниот апартман. Тие избегаа со накит проценет на околу 10 милиони евра.
За време на грабежот, Кардашијан била сама во ексклузивната апартманска зграда без обезбедување. Нејзиниот телохранител во тоа време ја придружувал нејзината сестра Кортни Кардашијан во ноќен клуб, откако сестрите го поминале денот на модни ревии.
Кардашијан (44), сега милијардерка, инфлуенсерка и бизнисменка, подоцна изјави дека стравувала оти ќе биде силувана и убиена. Таа во интервју раскажа дека еден од крадците вперил пиштол во неа и дека помислила дека тоа е крајот, стравувајќи дека сестра ѝ ќе ја најде мртва.
Во тоа време, Кардашијан редовно објавуваше детали за своето движење и локација на социјалните мрежи, каде го покажуваше и својот накит, вклучувајќи го и големиот веренички прстен со дијамант од 18,88 карати, подарок од тогашниот сопруг Кање Вест, проценет на 4 милиони долари. Се верува дека овие објави им помогнале на крадците да ја таргетираат. Таа подоцна потврди дека крадците ги следеле нејзините објави и дека инцидентот го променил нејзиниот пристап кон социјалните мрежи.
Кардашијан, која сега е активистка за кривична правда во САД, ќе отпатува за Париз за да сведочи на судењето кое ќе трае од 28 април до 23 мај.
Според обвинението, група од пет вооружени мажи, сите постари од 60 години, пристигнале со велосипеди или пеш и се претставиле како полицајци за да влезат во зградата нешто по 2 часот наутро. Откако наводно го држеле консиержот под закана со оружје, се упатиле кон апартманот на Кардашијан каде еден од нив ѝ вперил пиштол, барајќи го вереничкиот прстен на англиски јазик со силен француски акцент. Таа била врзана за рацете и нозете, а устата ѝ била залепена со леплива лента. Мажите го напуштиле местото за помалку од 10 минути, земајќи го прстенот и другиот накит.
Десет лица ќе се соочат со обвиненија за вооружен грабеж, членство во криминална група и киднапирање (што се однесува на држењето на Кардашијан како заложник). Осуммина од нив негираат каква било вмешаност.
Еден од обвинетите, Јунис Абас (71), признал дека учествувал во грабежот, наведувајќи дека бил дел од групата што влегла во зградата и чувал стража долу.
„Сите бевме дедовци“, изјави тој за француската телевизија ТФ1, додавајќи дека претходно одлежал 20 години затвор за грабеж и дека по 10 години на слобода се мачел финансиски.
„Добив предлог за голема работа, која требаше да биде моја последна… Ми рекоа дека има дијамант од 20 карати што не е заштитен… Тоа беше примамливо“, додаде тој.
Тој тврди дека тогаш не знаел кого ограбуваат, туку му било кажано дека станува збор за „сопруга на рапер“.
„Ја гледам како жртва, немавме ништо лично против неа“, додаде Абас.
Аомар Аит Кедаш, познат како „Стариот Омар“ (68), исто така признал учество, но негира дека бил водач на групата.
Од првично обвинетите 12 лица, на судењето ќе се појават десетмина, откако еден осомничен починал, а друг, Пјер Бујанер (80), е прогласен за неспособен да учествува во постапката од здравствени причини и ќе му се суди одделно.
Поголемиот дел од накитот никогаш не беше пронајден. Само еден предмет – крст со дијаманти вреден 30.000 евра – бил испуштен од крадците при бегството и пронајден од случаен минувач следното утро.