За десет дена две мали деца, од кои едното на неполни две години, а другото на осум години беа искасани од улични кучиња на плоштадот Магнолија, во строгиот центар на Битола. И двете се здобија со тешки телесни повреди на лицето, поради што повредите мораа да им бидат санирани во Клиничката болница. Осумгодишното дете беше нападнато од кучето на 13 април и имаше повреди на челото, а помалото на 20 април, односно на Велигден со повреди на устата, образот и брадата.
По немилите настани, денес се одржа вонреден состанок на претставници од прифатилиштето за улични кучиња „Хачико“ од Битола, ветеринарните клиники и Агенцијата за храна и втеринарство. На него, како што соопштија од Општина Битола, биле разгледани сите законски можности и начини со кои кучињата безбедно ќе се отстранат од улица и ќе се сместат во прифатилиштето.
Договорено е понатамошно заловување на кучината од критичните локации во центарот на градот, од Широк Сокак, Градски парк, Саат кула, Офицерски дом и нивно чување во прифатилиштето поради зголемениот број на туристи во периодот што следи. На иницијатива на градоначалникот ќе се воспостави зголемена координација со СВР Битола, за засилени контроли на критичните точки каде постои сомнеж дека се испуштаат кучиња од околните населени места или општини.
„Доколку кучето излегло од процесот на стерилизација и кастрација и социзализација, а не предизвикало штетен настан прифатилиштето нема законска можност да го залови повторно истото куче“, велат од Општина Битола.
Во периодот од отворањето на прифатилиштето, октомври 2024 година до денес, процесот на стерилизација и кастрација го имаат поминато повеке од 200 кучиња што преставува повеќе од 25 отсто од вкупниот број.
Во буџетот на Општината за 2023 година беа обезбедни 40 милиони денари да се направи голем стационар за бездомни животни, а потоа се реализира договор за изградба на сегашното прифатилиште кое чинеше 4.1 милион денари. Прифатилиштето работи на принцип „залови, стерилизирај, вакцинирај и врати односно вдоми“ кој на долг рок се очекува да го намали бројот на улични кучиња низ градот.
За три години, во периодот од 2021 до 2023 пред отворањето на прифатилиштето, за седум пати пораснал износот на пари што ги исплатила Општина Битола по тужби на граѓани каснати од кучиња. Од Општината потврдија дека во 2023 исплатиле 7.769.952 денари (над 126.000 евра). Според претходни изјави на општинските власти, во 2022 биле платени 2.885.115 денари (околу 47.000 евра), а во 2021 се 1.129.000 (18.350 евра)
Ж.ЗДРАВКОВСКА