Серија земјотреси го погодија Истанбул денеска, од кои најсилниот имал јачина од 6,2 степени според Рихтерова скала, објави турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни ситуации. Германскиот истражувачки центар за геонауки, пак, соопшти дека земјотресот бил со јачина од шест степени и се случил на длабочина од десет километри.
Турските власти кажаа дека во периодот од 12:13 часот до 12:51 часот по локално време биле регистрирани три земјотреси. Останатите два биле послаби и имале јачина од 3,9 и 4,4 степени според Рихтерова скала. Епицентарот бил долж брегот на Мраморното Море близу Истанбул. Тресењата продолжиле и потоа.
Министерството за внатрешни работи кажа дека земјотресите се почувствувале и во околните провинции.
Последните силни земјотреси во Турција се случија во февруари 2023, кога загинаа повеќе од 53.000 луѓе, како и над 6.000 во Сирија.