Основното јавно обвинителство Скопје покрена обвинителен акт против две лица, браќа на возраст од 23 и 31 година, кои се товарат како соизвршители за кривично дело Убиство и кривично дело Убиство во обид.
Според обвинителството, истрагата обезбедила докази дека на 1 ноември 2024 година, во Арачиново, обвинетите браќа со умисла и на подмолен начин лишиле од живот еден човек, а се обиделе да убијат уште еден.
Обвинетите претходно договориле средба со оштетените, татко и син, за да разговараат за наводен долг во износ од 7.000 евра. Тие пристигнале со автомобил на договорената локација, но по кус разговор, еден од обвинетите извадил пиштол и почнал да пука кон таткото и синот.
Од здобиените огнострелни рани, таткото починал на местото на настанот, додека синот бил тешко телесно повреден.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје поднесе и предлог за продолжување на мерката притвор за двајцата обвинети, оценувајќи дека сè уште постојат законските основи поради кои таа мерка им беше првично определена.