Шпанија прогласи вонредна состојба откако денеска снема струја во речиси целата држава, како и во соседната Португалија. Министерството за внатрешни работи кажа дека ваквиот статус ќе се примени во сите региони кои ќе го побараат тоа. Мадрид, Андалузија и Екстремадура веќе побараа од централната влада да го преземе јавниот ред и други функции.
Шпанскиот оператор за електрична енергија „Ред Електрика“ објави дека снабдувањето е обновено во повеќе од 20% од погодениот дел на земјата. Португалија кажа дека до вечерва струјата е вратена кај 750.000 потрошувачи.
Шпанскиот премиер Педро Санчес вечерва изјави дека и натаму не се знае причината за прекинот, додека португалските власти кажаа дека бил предизвикан од проблем во шпанската електрична мрежа, што е поврзано со „редок атмосферски феномен“.
Целиот железнички сообраќај во двете земји е во прекин и шпанскиот министер за транспорт Оскар Пуенте изјави дека нема да се нормализира до утре. Авиосообраќајот не е погоден во толкав обем, па во Португалија биле откажани 96 полетувања на авиони, како и 45 во Шпанија.
Прекинот во електроснабдувањето го парализираше сообраќајот во градовите откако семафорите престанаа да работат и беше запрена подземната железница, но тој се одрази и врз телефонските услуги и банкоматите. Властите кажаа дека нема назнаки дека станува збор за хакерски напад, иако засега ништо не се исклучува.