И покрај позитивните чекори, Ромите остануваат најмаргинализираната група во општеството и продолжуваат да доживуваат дискриминација во многу области од животот. Во некои делови од земјата тие и натаму живеат во супстандардни услови во населените места, соопшти Советот на Европа по посетата на Комесарот за човекови права Мајкл О’Флаерти на Македонијa.
При неговата посета фокусот бил ставен на човековите права на Ромите.
Тој ја пофали Македонија за долгогодишната заложба за вклучувањето и еднаквоста на Ромите, особено преку усвојување на национални стратегии и тематски акциони планови и нагласи значајни достигнувања, како вклучување на Ромите во Уставот, напредок во искоренувањето на бездржавјанството и подобрување на пристапот на децата Роми до образование.
„Ги охрабрувам властите да продолжат да се залагаат за правична застапеност на Ромите во јавната администрација во согласност со законот“, кажа О’Флаерти.
Комесарот повикува на подигање на свеста и славење на идентитетот и културното наследство на Ромите и на поефикасна борба против антиромското чувство, кое се уште е шиоко распространето во општеството. Тој изрази загриженост за постојаното етничко профилирање на Ромите од страна на полицијата, полициското насилство и случаите на нивно малтретирање во затвор.
Во областа на образованието, комесарот ги повикува властите да продолжат со целосно извршување на пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот „Елмазова и други против Северна Македонија“.