Пакистан тврди дека располага со веродостојни разузнавачки информации дека Индија планира да изведе воен напад врз својот сосед во следните 24 до 36 часа. Ова доаѓа откако Индија го обвини Пакистан дека ги поддржува милитантите кои убија 26 туристи во индискиот дел на Кашмир минатата недела, што беше отфрлено од Пакистан.
„Индија планира да го искористи овој напад како лажен изговор за да го нападне Пакистан. Ќе одговориме одлучно на секој таков воен авантуризам на Индија“, изјави пакистанскиот министер за инфорации Атаула Тарар.
Нападот близу туристичкиот град Пахалгам на 22 април е најсмртоносниот напад врз цивили во спорниот регион во изминатите две децении. И Индија и Пакистан тврдат дека полагаат право врз регионот, поради кој водеа две војни. Индија одговори со воени удари на слични напади од милитанти во 2016 и 2019.
Индискиот премиер Нарендра Моди вети дека ќе ги гони и казни напаѓачите од Пахалгам. Властите рекоа дека извршиле опсежни претреси во Кашмир, при што биле приведени повеќе од 1.500 луѓе на сослушување и биле демолирани куќите на најмалку десетмина наводни милитанти.
Индија кажа дека идентификувала тројца од четворицата напаѓачи, од кои двајца биле пакистански државјани, а еден од индискиот Кашмир. Сепак, ниедна група досега не ја презела одговорноста за нападот.