Рударско енергетскиот комбинат (РЕК) „Битола“ во меѓународните извештаи се посочува како еден од најголемите загадувачи со сулфурен диоксид и прашина во Западен Балкан, но во Македонија тешко се докажува дека Комбинатот загадува и досега никој не понел одговорност за тоа. Во два наврата кога пепелта беше несоодветно одлагана, за кои на големо се говореше во јавноста, мерењата кои ги вршеше РЕК не покажаа загадување над дозволеното. Последниот случај е од март годинава, а другиот од јануари 2015 до февруари 2017, кога беа видливи големи облаци со прaшина од одлагалиштето за пепел.
И единственото обвинение против директор на РЕК за загадување, покренато од Основното јавно обвинителство Битола во 2019, заврши со ослободителна пресуда во 2024.

Последниот случај е од март годинава, а другиот од јануари 2015 до февруари 2017, кога беа видливи големи облаци со прaшина од одлагалиштето за пепел. (Фото: СДК.МК)
На 26 март годинава, Државниот инспекторат за животна средина утврдил количини на пепел на одлагалиштето кои отстапувале од пропишаните во проектот, а Основното јавно обвинителство (ОЈО) оформи предмет и истражува дали одлагањето на пепел се вршело согласно еколошката дозвола и Главниот рударски проект. Од РЕК, пак, споделија дека во испитуваниот период не е надмината 24-часовната гранична вредност за заштита на човековото здравје за концентрацијата на суспендирани ПМ10 честички.
За периодот од јануари 2015 до февруари 2017, Основното јавно обвинителство Битола имаше поднесено обвинителен акт за загадување на природната средина и околина против тогашниот директор на РЕК, Јовко Крстевски. На одлагалиштето имаше големи количини непокриена пепел на површина од 50 илјади квадратни метри, кои при воздушни струења се разлетуваа во околината. ОЈО го обвини тогашниот директор дека дозволил отпепелување без навремено покривање на пепелта со јаловина и континуирано ангажирање на механизација, па со воздушни струења се разлетувала низ околината, предизвикувајќи опасност по здравјето на вработените и луѓето.
Но, мерењата во РЕК и тогаш покажале дека нема загадување над дозволеното и дека количините на сулфурен диоксид биле двапати помали од дозволените вредности, четири пати помали на азот диоксид, петпати на јаглерод моноксид и трипати на прашина.
Од Обвинителство во жалбата посочиле дека мерните станици за кои цело време зборувала одбраната се наоѓаат надвор од кругот на РЕК, а на местрото каде се врши отпепелувањето и во кругот на Комбинатот нема мерни станици. Оттука од Обвинителството посочиле дека не им е јасно како судот заклучил оти немало присуство на штетни честички над дозволената граница во близина на РЕК, кога мерните станици во селата Дедебалци, Рибарски и Гнеотино се на растојание околу 10 километри од Комбинатот.
ОЈО се повикало на сведочењето на Симеон Атанасов, тогашен раководител на Секторот за отпепелување, кој на суд изјавил дека стигнале до 50.0000 м2 непокриена пепел поради неиспраќањето на механизација со јаловина и камиони и булдожери за рамнење на теренот. На судењето кажал дека праќал повеќе е-пораки за да се покрие големата површина од пепелта, а за тоа се разговарало и на централниот колегиум. ОЈО во жалбата реагирало дека во пресудата на првостепениот суд е извртен неговиот исказ и е запишано дека кажал оти редовно и прописно се врешело отпепелување.
Ексдиректорот на судењето изјаил дека била ангажирана акредитирана лабораторија која ја мерела загаденоста и таа не била над нормалата, а дека обезбедувал механизација на располагање 24 часа на ден.

Загадување на воздухот со ПМ10 честички над дозволеното во Битола успева да улови само мерната станица поставена во центарот на градот. Годинава покажа дека од четири, дури два месеца битолчани дишеле екстремно загаден воздух. (Фото: СДК.МК)
Така, во судски процес од 2020, битолскиот Основен суд целосно се изземал од случајот, па судел судот во Прилеп кој донел ослободителна пресуда, на која се жалело ОЈО Битола, но Апелациониот суд од Битола во април 2024 одлучил дека директорот е ослобоеден од обвинение зашто немало доказ дека го сторил кривично дело.
За истиот критичен период, во 2017 истражувањето на „ТЕРА МЕД“ кое во Битола го презентираше професорт Трајче Стафилов од Природно-математичкиот факултет, покажа дека тогаш депонијата со пепел во РЕК „Битола“ била на границата да стане депонија на радиоактивен отпад. Тој изјави дека радиоизотопите кои ги содржела пепелта биле три до пет пати со поголема радиоактивност отколку во околната почва.
Загадување на воздухот со ПМ10 честички над дозволеното во Битола успева да улови само мерната станица поставена во центарот на градот. Годинава покажа дека од четири, дури два месеца битолчани дишеле екстремно загаден воздух. Но, со оглед на нејзината местоположба, се смета дека најмногу регистрира загадување од сообраќајот и домаќинствата. Другата мерна станица на излезот од Битола кон РЕК не работи добро и кога мери, кога не.
Прашање е каде се мерните станици и какви мерења врши РЕК за да утврди дали има згадување на воздухот? Од Комбинатот ни одговорија дека согласно Главниот рударски проект, имаат обврска да вршат мерења на емисиите на штетни материи од оџаците и контрола на амбиенталниот воздух. Велат дека на одлагалиштето за пепел нема мерна станица и по налог на Инспекторатот за животна средина таму се вршеле мерења еднаш годишно и податоците им се праќале на нив.
Мерните станици на РЕК се поставени во селата Рибарци, Гнеотино и Дедебалци на оддалеченост по воздушна линија од 2,4 и 5 километри, поставени во коориднација со Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), каде се испраќаат измерените вредности, за кои од РЕК велат дека не ги пречекоруваат границите.
Ж. ЗДРАВКОВСКА