Во Собранието не помина предлог-законот на СДСМ за помош на семејствата на загинатите и повредените во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, како и за жртвите од други трагедии како Ласкарци и модуларната болница во Тетово.
Предложениот закон не беше ставен ниту на дневен ред откако пратениците од мнозинството не го поддржаа барањето на опозициската партија предлог-законот да се носи во скратена постапка. „За“ ваквиот предлог гласаа само 18-мина пратеници од СДСМ и Левица.
Откако не помина законот, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски на прес-конференција кажа дека „денеска требаше да се најде на дневен ред еден ваков текст, кој што не е обичен законски текст, туку е морална, институционална обврска, и овој предлог-закон произлезе од најголемата трагедија што се случи во државата“.
Претходно, пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција рече дека владејачкото мнозинство нема да го поддржи законот, бидејќи, како што кажа, станува збор за политички маркетинг.