Повеќе воздушни напади ноќеска го погодија јужниот град Кан Јунис во Газа, при што загинаа повеќе од 60 луѓе во втора последователна ноќ на силни бомбардирања. Нападите следат додека американскиот претседател Доналд Трамп е на Блискиот Исток во посета на земјите од Персискиот залив, но не и на Израел. Имаше голема надеж дека регионалната посета на Трамп може да доведе до договор за прекин на огнот или обновување на хуманитарната помош за Газа. Израелската блокада на територијата сега е во третиот месец.
Снимател на Асошиетед прес во Кан Јунис ноќеска изброил 10 воздушни напади врз градот и видел бројни тела однесени во мртовечницата во градската болница Насер. Некои тела биле донесени парчосани а некои тела со тела со останки на повеќе луѓе. Мртовечницата на болницата потврди дека се убиени 54 лица.
Меѓу загинатите има и новинар кој работел за катарската телевизиска мрежа Ал Араби ТВ, објави мрежата на социјалните мрежи, наведувајќи дека Хасан Самоур бил убиен заедно со 11 членови на неговото семејство во еден од нападите во Кан Јунис.
Израелската војска немаше коментар за нападите.
Ова беше втора ноќ на силно бомбардирање, откако вчера во воздушните напади на северот и јужниот дел на Газа загинаа најмалку 70 луѓе, меѓу кои и речиси дваесетина деца.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на почетокот на неделата рече дека ќе продолжи со ветената ескалација на силата во израелската војна во Појасот Газа за да ја оствари својата цел да ја уништи милитантната група Хамас, која управува со Газа. Во коментарите објавени од канцеларијата на Нетанјаху на 13 мај, премиерот рече дека израелските сили се на неколку дена од влезот во Газа „со голема сила да ја завршат мисијата… Тоа значи уништување на Хамас“.
Меѓународната група за права Хјуман рајтс воч денеска соопшти дека израелскиот план за заземање на Газа и раселување на стотици илјади луѓе „е на сантим поблиску до истребување“ и ја повика меѓународната заедница да се изјасни против него.