Основниот суд Тетово денеска ги прогласи за виновни и им изрече казна од по една година и шест месеци ефективна затвораска казна на Флорин Бесими, тогашен директор на Клиничката болница во Тетово и Артан Етеми, економски директор на болницата, за пожарот во кој изгоре модуларната ковид-болница во Тетово на 8 септември 2021 при што загинаа 14 пациенти и членови на семејствата. Правното лице ЈЗУ Клиничка болница Тетово во ова повторено судење исто така беше прогласено за виновно и е казнето да плати еден милион денари (над 16.000 евра).
„Флорин Бесими и Артан Етеми се виновни за сторено кривично дело Тешки дела против општата сигурност по член 292 став 4 во врска со член 288 став 4 во врска со став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Правно лице ЈЗУ Клиничка болница Тетово одговорно е за сторено кривично дело Предизвикување општа опасност по член 288 став 5 во врска со став 4 и во врска со став 2 од Кривичниот законик. Судот, Флорин Бесими и Артан Етеми ги осудува на ефективна казна затвор од траење од една година и шест месеци, судот правното лице го осудува на парична казна од еден милион денари да ја плати по 30 дена од правосилност на пресудата“, наведе при читањето на пресудата судијата Реџеп Муса.
Од ваквата пресуда на судот не беа задоволни ниту обвинетите ниту семејствата на загинатите и повредените во пожарот во модуларната болница.
„Да одиме по математика, да ги ставиме тие 14 жртви, тоа изнесува по еден месец затвор за секој загинат. Ние не сме задоволни од ваквата пресуда и ќе продолжиме натаму со жалба. Пред судот требаше да дојдат и министерот Филипче, Анѓушев, фирма Брако, инсталацијата на струјата што ја ставаа во модуларната. Тие треба да бидат виновни за оваа трагедија, ама државата одлучи Флорим Бесими и Артан Етеми да бидат казнети една година и шест месеци. Не викам дека немаат вина и кај нив, ама вината е погоре“, изјави Мумин Исмаили, член на оштетено семејство.
И обвинетиот Флорим Бесими смета дека ваквата пресуда не е праведна, бидејќи не била докажана неговата вина во случајот со пожарот во модуларната болница.
„Ова судење не беше за да се открие вистината, ниту да се најдат виновниците на оваа трагедија, зошто настанал пожарот, кој е одговорен за изградба на објектот што изгори, кој дозволи животите на луѓето да бидат ставени во опасност. Не, ова судење се претвори во склоп на вина, против оние што ниту имале моќ ниту одговорност за оваа трагедија. Мене ме обвинија за недостаток на противпожарни (ПП) апарати, а во постапка докажавме дека имало противпожарни апарати, иако гледате дека не сум се потпишал на ниеден документ за таков објект, но тоа не го зедоа во предвид. Ова е стварно неправда, иако некои од сведоците тврдеа дека имало ПП апарати иако ние со очи видовме дека тој пожар не можеше да се изгасне со ниту еден рачен ПП апарат. Ова е бегање од вистината, јас не барам милост, јас барам правда за жртвите и за себе. Барам вистина да излезе на виделина, семејствата на жртвите не заслужуваат погрешно објаснување и лажен виновник. Тие заслужуваат да ја знаат вистината“, изјави Флорим Бесими.
Бранителот на Клиничка болница Тетово истакна дека пресудата за нив не е прифатлива и смета дека е последица на погрешно утврдена фактичка состојба и погрешно толкување на одредбите од Законот за кривична постапка па и тој најави дека ќе поднесе жалба на пресудата.
Ова е повторено судење за овој предмет. Во првото судење директорите на болницата беа осудени на условна казна од една и пол година, а правното лице да плати еден милион денари. Ваквата пресуда лани, по жалба на Обвинителството, ја поништи Апелација Гостивар и предметот го врати на повторно судење.
З. АНДОНОВ