ДВАЈЦА ЗАГИНАТИ И 19 ПОВРЕДЕНИ ОТКАКО БРОД НА МЕКСИКАНСКАТА МОРНАРИЦА УДРИ ВО БРУКЛИНСКИОТ МОСТ ВО ЊУЈОРК

    ДВАЈЦА ЗАГИНАТИ И 19 ПОВРЕДЕНИ ОТКАКО БРОД НА МЕКСИКАНСКАТА МОРНАРИЦА УДРИ ВО БРУКЛИНСКИОТ МОСТ ВО ЊУЈОРКБруклинскиот мост не претрпел поголеми оштетувања и по прелиминарната инспекција е повторно отворен за сообраќај. (Фото: Анадолу)

    Две лица загинаа, а 19 други се повредени откако мексикански морнарички брод за обука удри во Бруклинскиот мост во Њујорк. Полицијата соопшти дека бродот „Квахтемок“, на кој имало 277 лица, во саботата останал без погон додека капетанот маневрирал со пловилото, што довело до удар во конструкцијата на мостот од страната на Бруклин.

    На видеоснимките се гледа како високите јарболи на бродот удираат во мостот додека минувал под него. Властите рекоа дека членови на екипажот се наоѓале на јарболите кога тие се скршиле и паднале на палубата.

    Ник Корсо, жител на Бруклин кој бил сведок на несреќата, изјавил дека настанала паника.

    „Имаше многу врескање, некои морнари висеа од јарболите“, изјави тој за АФП.

    Градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, на социјалната мрежа Икс потврди дека две лица загинале, а двајца од 19-те повредени се во критична состојба.

    Бруклинскиот мост не претрпел поголеми оштетувања и по прелиминарната инспекција е повторно отворен за сообраќај.

    Полицијата смета дека причина за сударот биле „механички проблеми“ и прекин на електричната енергија.

    Мексиканскиот морнарички брод, долг 91 метар и широк 12 метри, кој за првпат заплови во 1982 година, и оваа година тргна на пат по завршувањето на тренинзите во поморската воена школа со цел финализирање на обуката на кадетите.

    Според мексиканската морнарица, бродот го напуштил пристаништето Акапулко на 6 април, а крајната дестинација на овогодинешното патување треба да биде Исланд.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира