Со презентација на опремата и возниот парк на градскиот плоштад во Тетово беше одбележан Денот на пожарникарите. Противпожарни возила, специјализирана опрема за спасување и скали високи над 30 метри беа дел од опремата која тетовци можеа да ја видат на оваа презентација.
Тетовските пожарникари оваа година се пофалија со еден, за нив голем успех, за првпат е формирана доброволна противпожарна единица. Овие доброволци, кои во наредниот период претендираат да станат и професионални пожарникари, отсега активно ќе помагаат во гаснењето на пожарите во Тетовскиот Регион.
„Формиравме доброволна противпожарна единица, која сега има 15 членови. Нашата цел е секое место во Општината да има по 2-3 млади кои ќе сакаат да се вклучат во овој проект, за кој имаме поддршка од австриската амбасада. Тие ќе доаѓаат на повик како помош во гаснењето на пожарите. Освен ова, ќе имаат и соодветна обука и преку еден проект ќе ги пратиме во Хрватска, каде што ќе имаат обука и тренинг“, вели Авни Амети, командир на противпожарната единица од Тетово.
Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами потенцираше дека за разлика од минатото, сега тетовските пожарникари се далеку подобро опремени, особено благодарение на добрата соработка и донациите од Австрија и Британија.
„Бидејќи се работи за противпожарна единица која, покрај Тетово, ги опслужува и петте околни општини од Тетовскиот Регион, сакаме таа да биде една од најподготвените во државата. Денес нашите пожарникари се многу подобро опремени од тоа што беа пред неколку години, и тоа благодарение на нашите партнери од Австрија и Британија“, рече Касами.
Општина Тетово и натаму има недостаток од професионални пожарникари, па затоа се предвидува пожарникарите од доброволната единица, откако ќе ја поминат обуката и ќе стекнат искуство во гаснење пожари и спасување загрозени лица, да можат да се вработат во противпожарната единица во Тетово.
З. АНДОНОВ