ВАНЧО МИХАЈЛОВ НЕ БИЛ ФАШИСТ, ТУКУ СИМБОЛ НА БОРБАТА ЗА НЕЗАВИСНА И САМОСТОЈНА МАКЕДОНИЈА, РЕЧЕ ЕКСПРЕМИЕРОТ ЉУБЧО ГЕОРГИЕВСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА БУГАРСКИОТ КЛУБ ВО БИТОЛА

    ВАНЧО МИХАЈЛОВ НЕ БИЛ ФАШИСТ, ТУКУ СИМБОЛ НА БОРБАТА ЗА НЕЗАВИСНА И САМОСТОЈНА МАКЕДОНИЈА, РЕЧЕ ЕКСПРЕМИЕРОТ ЉУБЧО ГЕОРГИЕВСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА БУГАРСКИОТ КЛУБ ВО БИТОЛАГеоргиевски во Основниот суд во Битола беше повикан како сведок од одбраната на Љупчо Ѓоргиевски, поранешен претседател на бугарски клуб „Иван Михајлов“ во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот премиер на Македонија Љубчо Георгиевски и претседател на ВМРО-Народна партија, денеска се појави во Основниот суд во Битола каде беше повикан како сведок од одбраната на Љупчо Ѓоргиевски, поранешен претседател на бугарски клуб „Иван Михајлов“ во Битола.

    Ѓоргиевски како претседател на бугарскиот клуб, се суди за предизвикување национална и расна омраза и нерпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем. Кривичната постапка против него ја поведе Основното јавно обвинителство (ОЈО) од Битола, а судскиот процес од 2023 се одржува во Основниот суд во Битола.

    Сведокот Георгиевски, кој е првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и беше премиер од 1998-2002, се однесуваше како да држи историски час на судењето во одбрана на Ванчо Михајлов.

    „За мене Ванчо Михајлов носи симбол на независна и самостојна Македонија. Се прави табу од неговото име. Во статутот на ВМРО-ДПМНЕ има јасно поглавје дека денешното ВМРО е континуитет на ВМРО на Михајлов. Тој од политичка активност се откажа во 1934 година, а Хитлер на власт дојде во 1933 година, па немал време да влезе во таа идеологија. Политички етикети низ историјата има и не може да се суди по нив”, рече Георгиевски.

    За време на денешното судење, Георгиевски изјави дека не се познавал со обвинетиот, но лично му се јавил да му биде сведок зашто сфатил дена судењето не е само против него, туку и против Ванчо Михајлов. На ова реагираше обвинителката Оливера Нечаковска, велејќи дека не му се суди на Михајлов, туку на Љупчо Ѓоргиевски.

    Експремиерот Георгиевски рече дека е ванчовист и дека кај него многу позитивно чувство понудило отворањето на бугарскиот клуб со името Ванчо Михајлов.

    „Го ценам како храбар чин и сметам дека е нешто со што треба да се гордее Македонија”, рече Георгиевски.

    Обвинителката го праша дали е историчар, дали работел во Институтот за историја и во Музејот на холокаустот на Евреите? Тој одговори дека не, а обвинителката Оливера Нечаковска рече дека ова е важно за доказната вредност на сведоците.

    Таа го праша Георгиевски дали во неговата автобиографска книга „Тоа сум јас“ има напишано дека Македонците се најголемите фалсификатори на македонската историја? Георгиевски одговори дека не само што го напишал туку и го кажал 20 пати, од кои последниот на неговиот подкаст во кој зборува за историјата. Рече дека не завршил факултет за историја, но се информирал од бројни домашни и странски извори, над 30 години дискутира за историја и ниеден официјален историчар не се нафаќа да дискутира со него.

    Георгиевски додаде дека во 1944 година, по барање на германската администрација Михајлов бил повикан да дојде во Македонија за да се создаде независна држава. Тука тој остварил средби со Михајло Апостолски и Методија Андонов-Ченто, но се откажал од ваков обид зашто сфатил дека ќе настане граѓанска војна во земјата. Георгиевски рече дека му се лепи и антиеврејска етикета, а неговите ванчомихајловисти спасувале Евреи.

    Денес ќе бидат и завршните зборови на судењет кое почна во 2023. Во меѓувреме, бугарскиот клуб беше избришан од Централниот регистар поради името на Ванчо Михајлов кој во Македонија се врзува со фашистичката идеологија. Но, се оформи нов, „Еднаква роза“, под чие покровителство досега се случија неколку активности во истиот објект на клубот во Еврејското Маало во Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира