ДВАЈЦАТА ЕКСДИРЕКТОРИ НА ОНКОЛОГИЈА, ВАСЕВ И НУХИ, СО УШТЕ ТРОЈЦА ОНКОЛОЗИ, ОБВИНЕТИ ЗА ЗЛОУПОТРЕБА СО СКАПА ТЕРАПИЈА И ТЕШКИ ДЕЛА ПРОТИВ ЗДРАВЈЕТО НА ЛУЃЕТО

    ДВАЈЦАТА ЕКСДИРЕКТОРИ НА ОНКОЛОГИЈА, ВАСЕВ И НУХИ, СО УШТЕ ТРОЈЦА ОНКОЛОЗИ, ОБВИНЕТИ ЗА ЗЛОУПОТРЕБА СО СКАПА ТЕРАПИЈА И ТЕШКИ ДЕЛА ПРОТИВ ЗДРАВЈЕТО НА ЛУЃЕТОБубевски, Коцевски и Гогова-Јакимовска на денешната прес-конференција. (Фото: К. Попов)

    Поранешните директори на Клиниката за радиологија и онкологија, медицинскиот Нино Васев и организацискиот Нехат Нухи се обвинети во две обвиненија во предметот на Основното јавно обвинителство „Онкологија“, соопштија денеска на прес-конференција јавниот  Љупчо Коцевски, Основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје Гаврил Бубевски и предметната обвинителка Ана Гоговска-Јакимовска. Меѓу обвинетите во второто обвинение има уште тројца лекари онколози од Клиниката. Обвиненијатa се поднесени до Основниот кривичен суд Скопје.

    Коцевски рече дека на Клиниката за онкологија се вршеле злоупотреби и проневери особено со скапата, биолошка терпија. Бидејќи, како што рече, во Македонија нема можност да се изврши независно вештачење на доказите, се обратиле за помош во Словенија и Србија, од каде ги добиле резултатите. Биле испратени медицински досиеја на 65 пациенти, и вештачењето потврдило дека кај висок процент од пациентите, не била давана соодветна терапија.

    Јавниот обвинител на Скопје Гаврил Бубевски кажа дека овој предмет е дефинција за сложен предмет и дека во животот немал работено на посложен предмет.

    „Практично, овој предмет е почнат по сознанија од истражувачки новинари. Финансиските злоупотреби, пак, беа видливи од извештаите на Државниот завод за ревизија. Но, во оваа сложена истрага, се обрна внимание и на протоколите за лекување, особено со биолошката терапија, што е многу сложена процедура, за кои имавме вештачења. Особено словенечкото вештачење беше многу сложено. Беа искористени сите видови на меѓународна правна помош, а тука истражниот центар на обвинителството ја заврши останатата работа. Со фактите и доказите во ова обвинение за тешки кривични дела, имаме многу докази и очекуваме осудителна пресуда”, рече Бубевски.

    Првото обвинение, кое се однесува на економското работење на Клиниката опфаќа две лица. Првиот обвинет, во својство на службено лице – медицински директор и вториот обвинет, во својство на организациски директор на Клиниката се обвинети за продолжени кривични дела – Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама во службата  и Проневера во службата.

    Повеќето од дејствијата ги сториле во соизвршителство и во временски период од 2018 до 2022 година.

    Обвинетите, во постапките за јавни набавки на лекови – биолошка активна терапија, молекуларна таргет терапија и моноклонални антитела набавувале лекови на реверс без да постои валиден правен основ за тоа, по што за покривање на реверсите спроведувале постапки за јавни набавки, кои биле беспредметни бидејќи добавувачите на лекови во рамки на добиените јавни набавки ги фактурирале претходно дадените лекови на реверс, па без комплетна, веродостојна и вистинита документација обвинетите овозможувале верификација на реверсите преку јавните набавки. Со ваквите противзаконити дејствија обвинетите креирале противправни обврски на Фондот, кој бил доведен во заблуда дека условниот буџет кој го одобрува се однесува на законски креирани обврски, а не за намирување на противправно креирани обврски за лекови набавени на реверс, поради што Фондот на годишно ниво одобрувал условен буџет на Клиниката, од кој потоа биле исплаќани лековите набавени на овој начин.

    Кривичното дело Злоупотреба на службената положба обвинетите го извршиле со пречекорување на границите на своето службено овластување и не ја извршиле својата службена должност во постапките за набавка на лекови, постапувајќи спротивно на Законот за здравствената заштита, Закон за здравствено осигурување, Статутот на Клиниката, Законот за буџетите и Законот за јавни набавки.

    „Со овие дејствија тие прибавиле значителна имотна корист за друг и нанеле штета на Буџетот на Македонија во вкупен износ од над 2,2 милијарди денари“, рече Гоговска-Јакимовска.

    Исто така, двајцата се обвинети за измама во службата бидејќи извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, така што во вршење на својата службена должност со намера за друг да прибават противправна имотна корист, создале противправна обврска и го довеле во заблуда Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија да изврши незаконита исплата.

    На тој начин прибавиле значителна корист за добавувачите на лекови во вкупен износ од над 430 милиони денари.

    Обвинетиот медицински директор помогнат од организацискиот директор извршил и кривично дело – Проневера во службата, бидејќи преку постапките за набавка на лекови набавил количина на лекови која имал намера да ја присвои, па откако со свој потпис ќе го препишел и одобрел лекот, дел од лековите фиктивно ги раздолжувал, односно не ги аплицирал на пациентите во чие име овие лекови биле требувани, па така постои разлика меѓу евидентирана требувана количина за пациент и раздолжена количина за пациенти во износ од околу 2 милиони денари.

    „Ова е констатирано кај 9 пациенти за кои фиктивно се раздолжувани пет различни лекови. Дополнително, медицинскиот директор, користејќи ја неусогласеноста на состојбата на залихите искажана во сметководствената и материјалната евиденција и неусогласеноста помеѓу месечните податоци за издадени лекови од аптека и примени лекови во организационите единици на Клиниката, за кои бил директно одговорен организацискиот директор, присвоил дел од лековите кои клиниката требало да ги има на залиха. Станува збор за вијали и таблети од вкупно девет лека – ‘херцептин’, ‘авастин’, ‘ербитукс’, ‘фулвестрант’, ‘тразимера’, ‘кадцајла’, ‘оксалиплатин’ од 50 и 100 милиграми и ‘зелбораф’ со кои за себе прибавил противправна имотна корист од најмалку 13 милиони денари“, кажа предметната обвинителка.

    Второто обвинение се однесува на третманот на пациентите и опфаќа четворица лекари онколози.

    Првиот обвинет е исто така Васев,  кој во соизвршителство со друга лекарка на истиот оддел се товари дека извршил продолжени – Тешки дела против здравјето на луѓето и Несовесно лекување болни. Други двајца лекари се товарат за основното кривично дело Несовесно лекување болни и тоа сторено како продолжено дело, како повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.

    „Со медицинските вештачења е утврдено дека кај 29 пациенти првообвинетиот применил очигледно неподобен начин на лекување и спротивно на тековните онколошки упатства, со отстапувања во дозирањето и во фазата на лекување, давал лекови од новите генерации на таргет и имунотерапија со што тешко го нарушил здравјето на пациентите. Во дел од случаите ова му било овозможено од втората обвинета која му ставила на располагање свој факсимил со кој одобрувал и препишувал терапија и свое корисничко име и лозинка со кои радолжувал терапија во ХИС системот на Јавна здравствена установа Универзитетска клиника за онкологија и радиотерапија.

    Другите двајца лекари се обвинети за кривично дело – Несовесно лекување болни, бидејќи врз основа на медицинските истории е утврдено дека одредувале терапија со лекови од новите генерации на таргет и имунотерапија во фаза на лекувањето кога било многу очигледно дека пациентите од таквиот лек воопшто нема да имаат корист поради лошиот перформанс статус и немањето време да се развие механизмот на дејство,  без да биде наведена телесна тежина и висина на пациентите, со отстапувања во дозирањето, со што дополнително ја влошиле нивната состојба“, кажа Гогова-Јакимовска, додавајќи дека не знаат каде завршиле лековите кои не ги добивале пациентите.

    „Овој предмет е лекција за сите институции“, рече Коцевски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира